Претходна статија
„Карпош АД“ ќе го надградува булеварот „Босна и Херцеговина“
Следна статија
Заврши проектот за регулација на Липковска река

ДОНИРАНИТЕ ОБЈЕКТИ ЗА СКОПЈЕ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ: Десетици земји му подарија свој објект на разрушеното Скопје

Објавено на 26.09.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Во изминативе неколку недели не успеавме да подготвиме написи за бројни објекти донирани од странските земји по скопскиот земјотрес. Дел од нив се руинирани и неупотребливи во реалноста, но и непознати со нивното присуство во достапниот архивски материјал и во колективното сеќавање на скопјани. За останатиот дел од подарените објекти на постземјотресно Скопје може да се најдат мал број содржини, па оттука се одлучивме да ги споменеме сите овие објекти во рамките на еден текст.

 

*Драмскиот театар бил свечено пуштен во употреба на 4 март 1965 година

 

Според книгата „Скопје – град на солидарноста“, десетици земји од целиот свет им подариле на скопјани нови згради како израз на нивната човечка солидарност. Тука треба да се споменат спортската сала „Кале“ (донирана од Грција), спортската сала „Партизан“ (донирана од Франција), Катлановската бања (донирана од Италија), недовршениот Детски рекреативен центар на Водно (дониран од Гана, Египет, Либија, Бурма, Индија и Кувајт), детскиот базен за пливање (дониран од Белгија и Холандија), детскиот сообраќаен воспитен центар (дониран од Источна и Западна Германија), јавната бања во Чаир (донирана од Етиопија), Драмскиот театар (дониран од Велика Британија) и Институтот за македонски јазик (дониран од македонските иселеници во странство).

 

*Драмскиот театар дониран од Велика Британија

 

Покрај овие подарени зданија, во издигнувањето на бројни други градби во македонската метропола учествувале странски земји со свој финансиски или друг материјален придонес. Тука треба да се спомене Градскиот водовод во Рашче, чија реализација не би можела да се заврши без помошта обезбедена од Соединетите Американски Држави. Треба да се споменат и следниве објекти: Домот за старци во селото Злокуќани (донации од Шведска и Англија), детската болница во Ѓорче Петров (донација од Шведска), општествениот дом во Драчево (донација од Франција), детската градинка во Карпош 2 (донација од Западна Германија), четири советувалишта за мајки со деца (донација од Велика Британија) и шест центри за млеко (донација од УНИЦЕФ).

 

„Сите спомен објекти се завршени навреме во рамките на програмата и се предадени во употреба со скромни свечености, во присуство на претставници на земјите – дарители“ се наведува во книгата „Скопје – град на солидарноста“ објавена во 1975 година. Меѓу донираните објекти, треба да се споменат неколку градби што имаат значаен удел во севкупниот развиток на македонскиот главен град во изминативе пет и пол децении.

 

*Спортската сала „Партизан“ донирана од Франција

 

Можеби најголемо внимание треба да добие монтажниот објект на Драмскиот театар, којшто е дониран од Велика Британија по земјотресот. Театарската зграда била пуштена во употреба на 4 март 1965 година и се употребува за одржување претстави до денешен ден. На отворањето на донираниот објект од британската влада присуствувал амбасадорот на оваа земја во Југославија, сер Данкан Вилсон. Монтажниот објект со подрум, приземје и кат нуди на располагање простории со површина од 2.506 метри квадратни.

 

*Извештај на весникот „Нова Македонија“ за изградбата на Домот за старци во Злокуќани

 

Во скопското зело Злокуќани е изграден Домот за старци со капацитет за сместување на над 130 лица. Старечкиот дом е изграден во 1964 година со помош на Интер – европската мисија на Шведска, Волонтер – Кристијан од Лондон и Фондот за обнова и изградба на Скопје. Домот за старци во Злокуќани до денешен ден функционира во куќичките и павиљонот донирани од овие две европски земји.

 

*Спортската сала „Кале“ донирана од Грција

 

Меѓу земјите што доставиле значајна помош за разрушеното Скопје се вбројува и Грција. Градското собрание на Скопје на грчкиот крал Константин своевремено му врачило и повелба во знак на благодарност за испратената помош на настраданиот град. Нашиот јужен сосед при постземјотресната обнова на Скопје ја донирал спортската сала „Кале“ за жителите на главниот град, која што до денешен ден се употребува за одржување на спортски натпревари и концерти.

 

*Градското собрание на Скопје му врачило повелба на грчкиот крал Константин

 

Не помалку значајна е и детската градинка во населбата Карпош 2, која е изградена со финансиска помош од СР Германија. Објектот е изграден од хуманитарната организација „Акција во знак на помирување“ за да се ублажат на последиците од скопскиот земјотрес. Клучна улога во реализацијата на оваа донација има берлинецот Кубе Гинтер, којшто останува да живее во Скопје по завршувањето на планираната градба. Објектот во населбата Карпош 2 и денеска функционира во склоп на градинката „Орце Николов“. Донираната градинка со површина од 808 метри квадратни почнала да се гради во 1964 година, додека во втората половина на 1966 година била свечено пуштена во употреба.

 

*Детската градинка во населбата Карпош 2 донирана од СР Германија

 

За на крај, треба да се спомене дека најголемо значење за скопјани имала помошта во нови домови што пристигнале од десетици странски земји, но и од сите републики на некогашна Југославија. Како што се наведува во книгата „Скопје – град на солидарноста“, странските земји донирале станови во монтажни бараки и во објекти од цврста градба вкупно 1.914 станови, со вкупна корисна површина од 81.695 метри квадратни. Во земјите што донирале живеалишта за скопјани се вбројуваат: Велика Британија, Романија, Полска, Финска, Мексико, САД, СР Германија, Бугарија, Данска, Франција, Норвешка, Италија, Швајцарија, Чехословачка и Светскиот совет на црквите.

 

Како што се наведува во книгата „Пре – фабрикати: Растечките куќи на Скопје“ на архитектите Милан Мијалковиќ и Катарина Урбанек, во постземјотресното планирање и изградба на 17 нови скопски населби се вклучиле институтите за урбанистичко планирање и градежните претпријатија од сите републики во составот на некогашна Југославија. Станува збор за населбите Ѓорче Петров 1 и 2, Влае, Тафталиџе, Козле, Водно, 11 Октомври, Лисиче, Драчево, Ацетиленка, Пржино, Бутел 1 и 2, Железара, Маџари, Шуто Оризари и Аеродром. За кратко време се издигнати околу 50 видови монтажни објекти за домување низ целиот град.

 

*Монтажни бараки донирани од Чехословачка во населбата Тафталиџе

 

И по повеќе од пет децении од нивното издигнување, поголем дел од овие живеалишта и понатаму се употребуваат за домување на десетици илјади скопјани. Поаѓајќи од ова, може да се заклучи дека овие објекти се вистински жив споменик на тврдењето за Скопје како симбол на меѓународната солидарност.

 

 

Текст, фотографии и обработка на архива: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk