Македонската влада до крајот на годинава најавува заокружување на поголем број проекти кои опфаќаат изградба и реконструкција на 74 километри регионални и 176 километри локални патишта, за кои ќе се одвојат 25 милиони евра. До ноември годинава ќе се завршат активностите на регионалните патни правци Струга – Дебар, Кавадарци – Мушов Гроб, Ангелци – Вељуса – Водоча – Баница и Радовиш – Конче – Лубница, со вкупна должина од 74 километри и во вредност од над 10 милиони евра. Портпаролот на владата, Александар Ѓорѓиев, информира дека годинава ќе се комплетира и изградбата на 76 локални патишта во должина од 176 километри, при што за нив ќе се одвојат околу 15 милиони евра.
Во тек се повици за избор на најповолни понудувачи кои ќе ги изведуваат градежните работи на делниците Тетово – Јажинце во должина од 16 километри и Бошков мост – Гарски мост во должина од 8,2 километри. Предвидени се активности на уште 32 локални правци за кои во моментов се одвива постапката за избор на градежни компании, а на почетокот на август ќе се распишат дополнителни два повика за избор на изведувачи за околу 60 локални патни правци на целата територија на земјава. Владините податоци говорат дека до месец јуни се завршени 24 патишта од локален карактер во должина од 45 километри.