Претходна статија
Чешки „Локо транс“ ќе ја земе под закуп парцелата во скопската железарница
Следна статија
Аеродромот во Охрид годинава ќе има рекорден број на патници

До април ќе се распише повикот за пронаоѓање приватен партнер за идниот мултифункционален објект во Дексион

Објавено на 14.03.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Општина Ѓорче Петров ја заврши изработката на идејното решение и физибилити студијата за утврдување на оправданоста од воспоставување на јавно – приватно партнерство за изградба на нов мултифункционален објект на местото на постојната руинирана амбуланта во скопската населба Дексион. Како што јавува скопската телевизија „МТМ“, најдоцна до април ќе биде распишан повикот за пронаоѓање приватен партнер што е заинтересиран да инвестира во издигнувањето на планираниот објект. Физибилити – студијата покажала дека е оправдано да се започне постапка за воспоставување на јавно – приватно партнерство за реализација на овој проект.

 

 

Доколку успешно се реализира целокупната постапка, изградбата на идниот мултифункционален објект во населбата Дексион би можела да започне до крајот на 2019 година. Во идното здание би се сместила новата здравствена амбуланта, заедно со детска градинка и простории за локалната самоуправа на Ѓорче Петров. Инвестицијата би изнесувала 3,5 милиони евра.

 

Изборот на консултант за спроведување на целокупната постапка за јавно – приватно партнерство беше реализиран кон крајот на минатата година, откако во август 2018 година беше потпишан меморандумот за соработка за овој проект меѓу Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и општина Ѓорче Петров.