Претходна статија
Депонијата „Дрисла“ со нов концесионер по завршување на изборите
Следна статија
До април ќе се распише повикот за пронаоѓање приватен партнер за идниот мултифункционален објект во Дексион

Чешки „Локо транс“ ќе ја земе под закуп парцелата во скопската железарница

Објавено на 13.03.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Чешката компанија „Локо транс“ ќе ја земе под долготраен закуп од 99 години градежната парцела во склоп на скопската железарница, јавува веб-страницата „samoprasaj.mk“. Локалните власти од Гази Баба го одобриле давањето под закуп на земјиштето од речиси 7 хектари, откако оваа фирма доставила најповолна понуда на закажаното електронско јавно наддавање за оваа локација што се одржа на почетокот од март годинава. На парцелата може да се изгради објект со максимална површина од 70.346 метри квадратни, на кои може да се издигне тешка и загадувачка индустрија, со компатибилни класи на намена до 49% од вкупната површина на идната градба.

 

*Се спрема ли чешки „Локо транс“ за да влезе како приватен оператор на превоз на товар на македонските пруги?

 

Од опозициската партија ВМРО – ДПМНЕ пред неколку дена реагираа дека во општинскиот совет ќе се спротивстават на можноста да се гради нова тешка и загадувачка индустрија во кругот на скопската железарница. Советничката група на оваа партија, која е мнозинство во општинскиот совет, веќе донела одлука со која се иззема предметната парцела од програмата за работа со градежното земјиште, која пак потенцираат од ВМРО – ДПМНЕ, не претставувало пречка за општината Гази Баба да ја спроведе постапката за давање под закуп на земјиштето.

 

Чешката фирма „Локо транс“ е добро позната на македонската јавност поради нејзиниот голем интерес за влез на овдешниот пазар како приватен оператор што сака да транспортира товар со железница како конкуренција на единствениот државен оператор. Скопската железарница е еден од најголемите корисници на железничкиот сообраќај во земјава. Чесите би сакале на новата парцела да инвестираат во хали за одржување и поправка на вагони и локомотиви.