Претходна статија
Менувањето ДУП-ови за Водно ги скара политичарите
Следна статија
Зјаат дупки на асфалтот на булевар Јане Сандански

Дел од Студенчишко блато ќе се ревитализира и ќе се заштити

Објавено на 16.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

На дел од постоечката површина на Студенчишко блато ќе се издигнат објекти, додека еден негов сегмент ќе се ревитализира и ќе се заштити. Експертите во претстојниот период треба да ги определат точните граници од остатокот на Студенчишко блато, кој би можел да се прогласи како споменик на природата. Останатиот дел од површината ќе се претвори во маркички за градење, во чии рамки спаѓа веќе најавената нова луксузна населба во градот. Локалната самоуправа од Охрид ги брани позициите за урбанизирање на дел од Студенчишкото блато, додека еколошките организации и експертите се спротивставуваат на овој потег. Ваквата поделба се јави и на денешната стручна расправа за Измени и дополнувања на Генералниот урбанистички план за град Охрид.

 

 

 

„Иако најголем дел од тој простор е уништен, локалната самоуправа блокира 70 хектари од просторот и изработи студија за да се утврдат границите на блатото на околу десетина хектари и таа студија беше одобрена од страна на Советот на општина Охрид и беше доставена до Министерството во понатамошна постапка за утврдување на еден дел од блатото како споменик на природата. Министерството за животна средина ја проследи во процедура до Владата на Република Македонија и таа со заклучок ни ја врати студијата за да се ревидира и да се одреди оној дел што навистина е постоечко блато и тоа да се ревитализира“, истакна Бранко Арнаудоски, помошник на раководител на Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште.

 

Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското езеро посочи дека врвен приоритет треба да биде заштитата на животната средина и на самото езеро. „Владата бара од општината да се утврдат граници на строга контрола, кои ќе се определат со ДУП, и да се однесува кон него како кон заштитен еко – систем според меѓународните конвенции кои ги има потпишано државата“, истакна тој. На денешната расправа со свои критики се вклучија и од иницијативата „Охрид SOS“ и од Здружението за заштита на животните „Анималија“. Тие побараа заштита на Студенчишко блато, посочувајќи дека блатниот систем е природна реткост поврзана со Охридското езеро.

 

Од охридската локалната самоуправа појаснија дека земјиштето на кое се наоѓа Студенчишко блато ќе има мешовита намена. Дел од блатото ќе се ревитализира по исцртувањето на неговите граници што не се уништени, но во преостанатиот сегмент е предвидено да се градат објекти за домување, хотелски капацитети и други комерцијални содржини. Замислата е во Студенчишкото блато да се издигне нова луксузна населба, иако во досегашниот урбанистички план не беше предвидена изведба на цврсти градби на оваа исклучително атрактивна локација во Охрид.