Скопската општина Чаир денеска распиша Конкурс за избор на идејно решение за изработка на мозаици за надземен пешачки премин – втора фаза, кој треба да го премости булеварот Гоце Делчев. Најуспешниот труд на уметниците ќе се стекне со прва награда во висина од 300.000 денари, на второнаграденото дело ќе му се доделат финансиски средства во износ од 100.000 денари, додека трето награденото решение од локалната самоуправа ќе добие награда од 60.000 денари. Општинските власти избраа жири – комисија во состав: Хусамет Агушовски, Газамфер Бајрам, Миџаит Положани, Бесиан Мехмети и Скендер Асани.
Во потрага по квалитетни уметнички решенија, избраната жири – комисија ќе се раководи од следните критериуми: идејно решение кое соодветствува на содржината и барањата на распишувачот, оригиналност и иновативност на идејното решение и изводливост на решението (ликовно – естетски вредности и економичност). Заинтересираните автори треба да ги достават своите идејни решенија најдоцна до 1 септември.
И додека трае распишаниот Конкурс, компанијата „Бауер БГ“ на терен ги изведува градежните работи за премостување на булеварот „Гоце Делчев“, како втора фаза од издигнувањето на плоштадот „Скендербег“.
Бојан Блажевски