Идниот скопски булевар што ќе се поврзе на планираниот автопат Скопје – Блаце би имал 4 сообраќајни ленти и би се протегал во должина од 4 километри. Станува збор за булеварот „Никола Карев“, кој во иднина би се продолжил од постојната раскрсница кај Момин поток и би се движел кон северозапад како алтернатива на Јадранската магистрала. Градот Скопје денеска ги презентираше физибилити студијата и идејниот проект за идната траса на овој булевар, на потегот од раскрсницата со булеварот „Словенечка“ до обиколницата.
*Извор на фотографија: Град Скопје
Како што информираат од Град Скопје, во идејниот проект се понудени три варијанти за идната транзитна магистрала, при што за најповолна е оценета варијантата со која не се урива постојниот железнички натпатник пред индустриската зона Визбегово. Со продолжувањето на булеварот „Никола Карев“ кон скопската обиколница ќе се изградат пешачки и велосипедски патеки на трасата, а предвидена е изведба и на кружен тек пред обиколницата.
Физибилити – студијата и идејниот проект за булеварот „Никола Карев“ беа изготвени од компанијата „ГЕИНГ Кребс унд Кифер“. Градот Скопје паралелно работи и на основниот и инфраструктурниот проект за реконструкција на булеварот „Никола Карев“ на потегот од улицата „Самоилова“ до клучката кај Момин Поток. Воедно, лани беше реализиран и тендер за изработка на физибилити – студија и инфраструктурен проект за идна клучка, која што би се градела на местото на постојната раскрсница со улицата „Скупи“ и булеварот „8 – ми септември“, односно би понудила решение за делот од Момин Поток до раскрсницата со булеварот „Словенечка“.