Претходна статија
ФЕЉТОН: Социолошкото истражување по земјотресот - приказна за тоа како е спроведена првата анкета во Македонија (10)
Следна статија
Долготрајната политичка криза ги остави градежниците без завидни резултати

Буџетот на Министерството за транспорт и врски догодина поголем за 1,5 милијарди денари

Објавено на 04.12.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Буџетот на Министерството за транспорт и врски за наредната 2018 година ќе изнесува 5 милијарди и 680 милиони денари, од кои 5 милијарди и 105 милиони денари се наменети за реализација на капитални проекти. Во споредба со годинешниов буџет, одвојувањата за капитални инвестиции ќе бидат поголеми за над 1,5 милијарди денари. Ќе се инвестира во нови пруги, гасификација, водоводна и канализациона мрежа, субвенции во авиосообраќајот, нови социјални станови и други проекти. Овие информации ги изнесе министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес – конференција.

 

„Вложувањето во капиталните проекти е повеќе од потребно за да имаме силна економија, здраво општество и транспарентни процеси кои се темелат на потребата од усогласување на различните потреби на граѓаните“ изјави министерот Сугарески. Во делот на железницата, за наредната година е предвидено да се инвестираат 1 милијарда и 357 милиони денари, што е за 817 милиони денари повеќе во однос на годинешниот буџет. Дополнително, ќе се одвојат 415 милиони денари за финансиска помош на Македонски железници – Транспорт за покривање на загубите од патничкиот сообраќај.

 

За изградба на гасоводната мрежа низ македонските општини е предвидено да се одвојат 2 милијарди и 234 милиони денари, што е за 311 милиони денари повеќе во споредба со буџетот од 2017 година. Новите водоводни и канализациони мрежи што се изведуваат преку буџетот на ова министерство ќе бидат поддржани со средства во износ од 698 милиони денари, односно за 195 милиони денари повеќе отколку со буџетот за 2017 година. Ќе се поддржи изградбата и довршувањето на водоводните системи во Гостивар, Гевгелија, Кавадарци, Радовиш и Сопиште, но и фекалната канализација за Сончев град.

 

Во делот на станбениот сектор, за изведбата на нови социјални станови ќе се одвојат вкупно 330 милиони денари, односно за 38 милиони денари повеќе во споредба со годинешниот буџет. Социјални станови во 2018 година ќе се градат во Пехчево, Свети Николе, Виница, Пробиштип и Скопје. За изградба на жичарницата од Средно Водно до Институтот за белодробни заболувања Козле се издвоени 50 милиони денари. Изведбата на комуналната инфраструктура во индустриската зона Визбегово ќе биде поддржана со 20 милиони денари.

 

За поддршка на воведување на нови дестинации во авиосообраќајот догодина ќе бидат алоцирани 104 милиони денари. Во 2018 година ќе биде распишан и нов јавен повик за финансиска поддршка на нискобуџетните авиокомпании, на кој ќе можат да се јават сите заинтересирани компании. Од буџетот на ова министерство се издвоени 32 милиони денари за изградба на пешачки патеки на повеќе локации низ земјава, но и 20 милиони денари на проекти во рамки на Декадата на Ромите.

 

Министерот Горан Сугарески напомена дека со Јавното претпријатие за државни патишта ќе продолжат со изградба и реконструкција на патната мрежа во земјава. Патната инфраструктура е посебен сегмент на ова јавно претпријатие, за кое наскоро самите тие ќе известат за предвидените градежни проекти за 2018 година.