Пазарот на недвижности во наредниот период треба да очекува дополнителен прилив на нови станбени единици. Според податоците на Државниот завод за статистика, македонските општини само во текот на август годинава издале одобренија за градење на 339 станови, со вкупна корисна површина од 30.233 метри квадратни. Градежните компании ја започнале процедурата за изведба на 207 нови станови со површина од 14.384 метри квадратни, додека преостанатите живеалишта е планирано да ги градат физички лица. Во споредба со август 2014 година, бројот на предвидени станови за градење е зголемен за 205,5%, додека нивната корисна површина пораснала за дури 197,3%.
Вообичаено, најголем интерес за изведба на нови станови има во скопскиот регион, каде што општините одобриле градежни дозволи за 156 станови. Во југозападниот регион од земјава се издадени одобренија за изградба на 92 стана, додека оваа бројка во полошкиот регион изнесува 33. Погледнато по локални самоуправи, во осмиот месец од годинава инвеститорите првенствено се насочиле кон изведба на нови станови во Општина Кичево (81 предвидени станови за градење), а по неа следуваат Општина Карпош со 77 и Општина Центар со 55 зацртани станови што допрва треба да се реализираат. Во делот на површината на домовите, вниманието на инвеститорите е насочено кон вложување во трисобни (141) и двособни станови (77).
Во август 2015 година се издадени 206 одобренија за градење, што е за 32,9% повеќе во однос на истиот период од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 3.616.289.000 денари (59 милиони евра), односно за 299,8% повеќе во споредба со идентичниот период лани. Од вкупниот број на издадени градежни дозволи, 111 (53,9%) се наменети за објекти од високоградба, 43 (20,9%) за објекти од нискоградба и 52 (25,2%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 206 зданија, на 115 (55,8%) како инвеститори се јавуваат физички лица, додека на 91 (44,2%) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Бојан Блажевски