Локалните власти од Штип го претставија проектот „Регулација на речното корито на реката Брегалница со мали каскадни брани“ со кој градот ќе добие среден кеј во централното градско подрачје и ново место за рекреација со патеки за пешачење и велосипеди. „Со новиот проект во склоп на кејот на Брегалница ќе влезат пет мали каскадни брани, со височина од 1,5 метри и широчина до 14 метри. Овие брани ќе допринесат за подобрување на климата во Штип, а кејот на реката ќе се користи и за рекреација и спортување“, истакна градоначалникот на Штип Зоран Алексов. Според проекциите, инвестицијата во една каскадна брана ќе чини од 300.000 до 400.000 евра, поточно 1,5 до 2 милиони евра за реализација на целокупната замисла.
Изведбата на проектот се очекува да започне од следната година, а покрај пешачките патеки со регулацијата на Брегалница ќе се овозможи создавање на рибни патеки, ќе се спречи ерозијата на земјата и поефикасно ќе се дистрибуира водата во летниот период, кога водостојот во реката е минимален. Од локалната самоуправа напоменуваат дека каскадните брани ќе создадат можност за развивање на туризам и риболов во самиот град. Засега не се соопштува од кои извори ќе се обезбедат паричните средства и дали е заокружена финансиската конструкција на зафатот.