Претходна статија
Железница го скрпи возниот ред за 2015 година
Следна статија
Карпош ќе ја обновува инфраструктурата со кредит од 800 илјади евра

„Бошков мост“ и „Луково поле“ се најдоа и пред Советот на Европа

Објавено на 09.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Постојаниот комитет на Бернската конвенција при Советот на Европа отвори случај за планираните големи проекти во Националниот парк „Маврово“ – хидроелектраната „Бошков мост“ и акумулацијата „Луково поле“. Од здруженијата „Еко-свест“ и „Фронт 21/42“ денеска информираа дека Комитетот во претстојниот период ќе проверува дали постои прекршување на одредбите од оваа конвенција при носење на одлуките за планираните 18 хидроенергетски проекти и нивното влијание на територијата на паркот, вклучувајќи ги и двата најголеми енергетски проекти меѓу нив.

 

Зона на директен импакт на ХЕ Бошков Мост во рамки на Националниот парк МавровоАна Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“ вели дека постапката пред Постојаниот комитет започнала со поднесувањето на жалба во март 2013 година. „Постојаниот комитет најде основаност и оправданост на нашите тврдења дека балканскиот рис е ставен на ризик со спроведување на „Бошков мост“ и други проекти. Комитетот соопшти дека ќе спроведе сопствена анализа во самиот национален парк за да го утврди степенот на закана на биодиверзитетот од страна на овој проект“, истакна Чоловиќ Лешоска. Еколошките здруженија посочуваат дека подготвените препораки од Постојаниот комитет ќе бидат обврзувачки за нашата земја.

 

Во однос на овие тврдења на еколошките невладини организации, од Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) денеска реагираат дека подготвителните работи за реализација на проектите „Бошков мост“ и „Луково поле“ се одвиваат најпрофесионално и во согласност со сите меѓународни стандарди на Европската банка за обнова и развој и на Светската банка, кои ги обезбедуваат кредитите за изградба на енергетските објекти. Од државната компанија не даваат никаков коментар во однос на постапката пред Советот на Европа, но затоа пак ги набројуваат документите што ги изготвиле и чекорите што ги презеле. Тие посочуваат дека се испочитувани строгите директиви на Европската унија во делот на заштитата на животната средина, како и зацртаните обврски што произлегуваат од Акцискиот план за заштита на животната средина и социјалните аспекти.