Претходна статија
Нови 2,3 километри за велосипедистите во Скопје
Следна статија
Почнува уредувањето на плоштадот Карпошово востание

Благ пораст на бројот на издадени градежни дозволи

Објавено на 05.07.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Во мај 2011 година се издадени 231 одобрение за градење што претставува зголемување од 4,1% во однос на истиот месец лани, соопшти денес Државниот завод за статистика. Огромен раст од 230,2% во однос на мај 2010 година е забележан кај предвидената вредност на објектите кои добиле градежна дозвола. Споредбата на статистичките податоци од изминатите месеци говори дека причината за зголемување на вредноста на предвидените објекти се должи најмногу на бројот на предвидени станови за градба, кој е речиси двојно зголемен во однос на претходните месеци од 2011 година. Статистика пресметала дека во мај 2011 година бројката на предвидени станови за градба изнесува 729 со корисна површина од 58.600 метри квадратни, наспроти просекот од изминатите неколку месеци кој се движи помеѓу 300 и 400 станбени единици. Втората причина за значителното зголемување на вредноста на предвидените објекти е Законот за постапување со бесправно изградени објекти, кој предвидува прибирање податоци за издадени дозволи и за овој тип на објекти од страна на Државниот завод за статистика.

 

Од вкупниот број на издадени дозволи за градење, 180 (77,9%) се наменети за објекти од високоградба, 22 (9,5%) за објекти од нискоградба и 29 (12,6%) за објекти за реконструкција. Споредбите со истиот месец од минатата година покажуваат дека бројот на издадени одобренија за градење се зголемил за 5,3% кај објектите од високоградба, додека идентичен број на издадени дозволи е регистриран кај објектите од нискоградба и реконструкција. Од вкупно 231 објект, на 162 (70,1%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 69 објекти (29,9%) инвеститори се деловни субјекти.

 

 

Бојан Блажевски