Претходна статија
Најпопуларните објави во 2015
Следна статија
На ред дојде реализацијата на новиот лик на Хавзипашините конаци

Битолските градителски симболи ќе добијат барем малку внимание

Објавено на 02.01.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Државата се одлучи во 2016 година да посвети барем минимум од потребното внимание за битолската архитектура. За момент оттргнувајќи се од квази барокот во главниот град, следниот период ќе биде одбележан со конзервацијата и реставрацијата на вредните симболи на архитектурата на Битола. Во речиси идентичен период, Заводот и музеј – Битола започна со реализација на паралелни проекти за зачувување на автентичниот лик на неколку препознатливи објекти – Јени џамија, како и фасадите на објектот на Музичкото училиште, Безистенот и гимназијата „Јосип Броз Тито“. За сите овие зафати постепено се алоцираат финансиски средства од Министерството за култура.

 

Најдалеку во реализацијата досега е отидено со замислата за претворање на некогашната Јени џамија во уметничка галерија. Славниот верски објект издигнат во 1558/59 година веќе е влезен во процес на реставрација и конзервација, која е предвидено да продолжи и во првата половина од 2016 година. За неопходните активности на терен е ангажирана фирмата „БВ Инженеринг“ од Битола, при што за проектот се одвоени 17.284.086 денари. Со проектот е зацртано да се изведе надворешна заштита на објектот, да се замени кровот и да се конзервира и реставрира фасадата.

 

Во непосредна близина на Јени Џамија, во Битола се наоѓа Безистенот како еден од најголемите покриени пазари во целиот регион. Идентично како и некогашниот верски објект, битолскиот Безистен се наоѓа во очајна состојба, првенствено поради девастираниот надворешен изглед, но и нереконструираниот внатрешен простор. Во трите внатрешни улички се шират нечистотија и студ во зимските месеци, оставајќи впечаток на тотална негрижа за културното наследство. По години полни со граѓанска реакција за состојбата, Заводот и музеј – Битола пред неколку недели го потпиша договорот за конзервација и реставрација на фасадата на Безистенот. Зафатот ќе го изведе „БВ Инженеринг“ во период од 24 месеци, за што се обезбедени средства во висина од 9.470.395 денари.

 

Освежен надворешен изглед и трајна заштита во претстојниот период ќе добијат и зградите на Музичкото училиште и гимназијата „Јосип Броз Тито“, лоцирани на булеварот „1 Мај“. Најпрво ќе се реализираат градежно – занаетчиските работи за конзервација и реставрација на објектот на Музичкото училиште. Фасадното уредување треба да се комплетира на почетокот од 2016 година, за што битолската музејска установа има одвоено 3.498.115 денари. На овој проект ќе работи фирмата „МЗТ Инженеринг“.

 

За најмногу две години треба да се заокружи конзервацијата и реставрацијата на фасадата на гимназијата „Јосип Броз Тито“. И на овој објект е предвидено да работат екипите на „БВ Инженеринг“, за што се алоцирани финансиски средства од 10.148.000 денари. Вредниот објект на битолската гимназија е изграден во 1882 година како приватна куќа на Сали-паша. Во него, во 1945 година се одржал првиот час на македонски јазик на ослободената територија на Македонија.

 

За сите овие значајни архитектонски симболи, нашата централна власт, вклучувајќи ги културните установи во Битола, процениле дека се доволни 40.400.596 денари. Или преведено во „официјалната валута“ на проектот „Скопје 2014“, непроценливата национална историја чини идентично колку една „барокна“ фасада во централното градско подрачје на Скопје.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk