Претходна статија
Сите нови градби ќе мора да имаат приклучок за гас
Следна статија
Косово ќе гради автопат кон Скопје, Македонија концесионира

Битолската касарна и ИЗ „Жабени“ чекаат нови инвеститори

Објавено на 01.07.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Општина Битола денеска понуди на продажба 29 градежни парцели во индустриската зона „Жабени“, некогашната касарна „Стив Наумов“ и на две други локации на територијата на градот. Најголем интерес се очекува да предизвика земјиштето во индустриската зона, каде што се нудат 14 парцели со површина од 3.800 до 30.779 метри квадратни. Вкупната површина на земјиштето огласено на продажба изнесува 140.724 метри квадратни. Почетната цена на деветте локации за изградба на погони за производство, дистрибуција и сервиси изнесува 61 денар за метар квадратен, додека останатите парцели наменети за објекти за комерцијални и деловни дејности се нудат по почетна цена од 900 денари за метар квадратен.

 

* Изградба на станбени објекти во поранешната битолска касарна

 

 

Огромен интерес од инвеститорите се очекува и за понудените 11 локации за градење во битолската населба „Златен рид“, која веќе никнува на просторот на некогашната касарна. Локалната самоуправа нуди осум парцели со површина од 997 до 3.164 метри квадратни за подигање на станбени згради, чија почетна цена е 2.570 денари за метар квадратен. На овој простор од градот се нудат и две локации за изградба на катни гаражи со компатибилни класи на намена и земјиште предвидено за хотелски комплекс, кои се нудат по почетна цена од 1.003 денари за метар квадратен. Целокупното огласено градежно земјиште има површина од 40.599 метри квадратни.

 

Во објавениот оглас се понудени две парцели за објекти од лесната индустрија и за производство, дистрибуција и сервиси во склоп на градската работна зона што се простира долж патот Битола – Новаци, како и две локации со идентична намена во близина на локалитетот Француски гробишта. Се работи за градежно земјиште што се простира на вкупно 60.218 метри квадратни и се продава по цена од 61 денари за метар квадратен. Субјектите кои имаат интерес за купување на некоја од парцелите треба да ги достават своите пријави, заедно со неопходната документација, најдоцна до 30 јули, додека електронското јавно наддавање за нивна продажба ќе се одржи на 5 август.