Нова промена во сопственичката структура на градежната фирма „Бетон“ од Штип. „БИМ Инвест Инженеринг“ од Штип станал нов акционер во компанијата со 9.749 обични акции, со што се стекнал со 23,32% од основната главнина на друштвото. Со потегот всушност се префрлени акциите од „ЕЗИМИТ ИНВЕСТ ДООЕЛ“, кој повеќе не е акционер во градежната фирма „Бетон“ од Штип. Заедно со познатата „Орка Холдинг“, оваа фирма и „Тим“ во октомври 2012 година го купија штипски „Бетон“ од дотогашните сопственици.
Најновата промена на сопственичката структура на „Бетон“ од Штип беше обелоденета преку веб-страницата на Македонска берза. Сепак, не се објавени подетални информации за спроведената промена во сопственичката структура на компанијата. Пред речиси една година, штипски „Бетон“ по цена од 4,5 милиони евра се одлучи да го продаде Друштвото за градежништво, инженеринг, трговија и услуги „Омега билдинг“. „Бетон“ од Штип беше сопственик на „Омега билдинг“ од 2013 година, кога го купи друштвото за 4 милиони евра.