Осум месеци после катастрофалниот пожар во кој изгоре Горни Палат, во тек е санација на опожарените делови и изготвен е идеен проект за реконструкција, со голем дел на елементи за основен проект. На почетокот на месецов проектот е доставен до Управата за заштита на културното наследство и во наредните денови се очекува негово одобрување. Проектот за реконструкција е резултат на темелните испитувања на состојбата на терен кои ги спроведоа повеќе институции и има поминато низ редица комисиски филтри во Националниот конзерваторски центар, како и надворешни консултанти од релевантни области. Доколку се оди според предвиденото, надежите се дека за две години Горни Палат повторно ќе блесне во полн сјај.
Интензивно се работи и на Источни Палат, проект кој започна пред пожарот од 2009. Источни Палат ќе има корисна површина од 3.600 метри квадратни (Горни Палат има корисна површина од околу 3.300 метри квадратни) и во негов состав ќе бидат Параклис на Св. Николај Чудотворец, монашки келии, игуменската келија, библиотека со читална на два ката, котлара, перална, како и кула со часовник и атеље за зографи на највисокото ниво. Изведувач на градежните работи е фирмата „Жикол“. Моментално се привршува со покривот после што ќе се премине на фасадата, а веќе е порачан и ентериерот. Се очекува дека до манастирската слава на 10 септември, монашкото братство ќе може да се исели од гостинскиот Долни Палат и да се всели во новите простории, со што ќе може да продолжи традицијата на примање гости во манастирот. Вреди да се спомне дека и покрај големата катастрофа во 2009, манастирскиот живот и богослужбениот циклус во ниеден момент не беа прекинати.
Форумска дискусија за овој проект » овде
Кратка историја:
Манастирот бил основан од монахот Јован во 1020 година. Во 16 век, за време на султанот Селим II, бил разрушен од страна на Османлиите и од целиот комплекс останала само една мала црква. Бил повторно обновен во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион. Во 1814 година по нарачка на тогашниот игумен, галичанецот Арсениј, започнала изградбата на Горни Палат. Од 1820 до 1825 година, северозападно од манастирската црква биле доградени конакот со трпезаријата, како дел од Горни Палат. Во периодот од 1829 до 1835 година, тајфата предводена од Петре Филипов – Гарката го изработила прекрасниот иконостас кој е белег на светилиштето. Манастирскиот живот замрел во 1948 со смртта на тогашниот последен монах, а бил повторно обновен во 1995 со доаѓањето на отец Партениј. Утрото на 30.09.2009 во манастирот избувна голем пожар во кој целосно изгоре Горни Палат.
Галерија: