Посетителите на Беровското езеро во иднина ќе можат да уживаат во своите прошетки на новоизградената пешачко – велосипедска патека. Министерството за транспорт и врски во соработка со општина Берово инвестираа во изградба на патеката, која со својата должина од 1.680 метри го обиколува езерото на потегот од трупот на хидроакумулацијата до објектот на кајакарскиот клуб. Таа е со ширина од 2,5 до 3,5 метри, со осум проширени простори со настрешници, канделабри, павилјони за скара, корпи за отпадоци и клупи за одмор. Долж целата патека е поставено осветлување. Министерството од својот буџет за оваа намена издвои 16 милиони денари.
Градежните работи за изведба на пешачко – велосипедската патека ги реализираше фирмата „Стоименов“ од Кочани. Идејата за проектот беше обелоденета во првата половина од минатата година, а неговата реализација е во функција на натамошен развој на туризмот во беровскиот регион.