Изградбата на новиот административен објект на местото на некогашниот Геолошки завод во центарот на Скопје [»мапа] ќе чини 431.408.000 денари или околу 7 милиони евра. Службата за општи и заеднички работи на Владата ја одбрала понудата на градежната компанија „Бауер БГ“ меѓу петте доставени понуди на тендерот за изведба на градежните и градежно – занаетчиските работи. Во планираниот административен, деловен и комерцијален простор со површина од 8.027 метри квадратни ќе се сместат Државниот завод за ревизија, Геолошкиот завод и Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Новата зграда треба да биде завршена во рок од 24 месеци.
* Геолошки завод
Објектот ќе се состои од приземје и шест ката и ќе биде висок 25 метри. Стручниот надзор над градежните активности ќе го реализира фирмата „Евро Консалтинг“ од Скопје, која ќе добие 4.134.720 денари за извршената работа. Идејниот и основниот ревидиран проект за оваа барокна зграда го подготви бирото „Архитектоника“ од Скопје, според идејното решение на Жарко Чаушевски.