Претходна статија
Во Карпош 3 ќе се гради уште една приватна болница кај „Филип Втори“
Следна статија
Партиски препукувања за доцнењето со изградба на пругата Битола - Кременица

„Барокот“ ќе удри по уште девет згради околу плоштадот „ВМРО“

Објавено на 19.08.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По завршувањето на изградбата на плоштадот „ВМРО“, седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и зградата на Министерството за финансии, градските власти се обидуваат целосно да го преобликуваат изгледот на сите објекти во овој дел од центарот на Скопје. Градот Скопје пред десетина дена ги одбрал фирмите „Архитектоника“ од Скопје и „Паскал Проект“ од Охрид за изработка на основните проекти за „барокизација“ на девет нови згради, вклучувајќи го седиштето на Лотарија на Македонија, ТЦЦ „Плаза“, зградата на поранешно „Центро“ и неколку објекти на улицата „Димитрие Чуповски“.

 

 

За сите овие згради на почетокот од 2016 година беше избрано идејно решение, кое треба да ги стопи објектите од постземјотресно Скопје во стилот на „Скопје 2014“. Како автори на овие „барокни“ фасади се јавуваат архитектите Жарко Чаушевски и Петар Паскалиев. Градот Скопје во наредниот период сака да им го промени изгледот и на сите останати објекти околу седиштето на владејачката партија, вклучувајќи ги тука и седиштето на Асоцијација на архитекти на Македонија, зградата на СДСМ-Центар и родната куќа на градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски.

 

Како и досега, информациите за „барокизацијата“ на скопските згради доаѓаат единствено од веб-страницата на Бирото за јавни набавки. Само за основните проекти на овие девет фасади, од буџетот на граѓаните на Град Скопје ќе се издвојат финансиски средства во висина од 4.789.728 денари (над 75.000 евра). Градските власти во изминативе неколку месеци немаат објавено неколку елементарни податоци за менувањето на надворешниот изглед на овие објекти, вклучувајќи го образложението поради кое ќе се менуваат фасадите, фотографиите од идните „барокни“ фасади и членовите на жири-комисијата што ги избрала идејните решенија.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk