Претходна статија
При крај е реконструкцијата на Железничката станица во Скопје
Следна статија
Започна изградбата на нова градинка во Радишани

„Барокот“ ја стопира подземната сообраќајница зад „Рамстор“

Објавено на 20.07.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Притисокот да се изработат идејни решенија во „барокен“ архитектонски стил за новите градби зад трговскиот центар „Рамстор“ во Скопје ја кочи изградбата на подземната сообраќајница и на комплексот на турската компанија „Лимак“. Повеќе од три години на локацијата кај Музејот на град Скопје не е започнат градежен зафат од турскиот инвеститор поради тоа што некој упорно инсистира идните објекти за колективно домување, хотели, трговски и деловни центри да бидат изградени во т.н. „барокен“ архитектонски стил.

 

#Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски денеска на прес – конференција објасни со каков проблем се соочува инвеститорот. „Сè е спремно, ние со нетрпение го очекуваме тој објект, не само затоа што тоа е сериозен прилив на комуналии туку тој цел грд дел да се затвори, меѓутоа се инсистира на барок. Јас имав можност овде на средба со нив да ги видам решенијата на еден од најголемите турски архитекти, значи современи решенија со кои што би можеле навистина да се пофалиме и надвор од регионов“, вели градоначалникот Жерновски. Градот Скопје кон крајот на март годинава за „Билд“ тврдеше дека информации за архитектонско – урбанистичкиот проект за подземната сообраќајница треба да се бараат кај турскиот инвеститор, додека општина Центар треба да издаде одобренија, по што би следело издавање на неопходната градежна дозвола за огромниот комплекс со површина од 330.000 метри квадратни. Подземната сообраќајница, заедно со објектите за колективно домување, трговските и деловните центри и хотелите треба да се завршат најдоцна до 2017 година.

 

„Лимак“ и Град Скопје во март 2012 година потпишаа договор за изградба на подземна сообраќајница во должина од 800 метри, со што требаше да се реализира трасата на Јужен булевар. Изведбата на сообраќајницата претставува обврска на инвеститорот, кој што во февруари 2012 година ја купи градежната парцела од 31.929 метри квадратни за градење на најавениот голем комплекс.

 

 

» Форумска дискусија за комплексот кој ќе го гради „Лимак“

 

» Форумска дискусија за урбаните автопати во Скопје

 

 

 

Бојан Блажевски