Претходна статија
Се бараат идејни решенија за шест нови видови на типски куќи
Следна статија
Тендер за изградба на ново основно училиште во Капиштец

„Барокниот“ објект за Народна банка – мешавина од фонтана со обелиск, скулптури…

Објавено на 10.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Не стивнуваат реакциите и новите информации околу изградбата на новиот „барокен“ објект за Народната банка на местото на паркот кај Македонска опера и балет. Наспроти недостигот на официјални податоци од централната банка, во јавноста излегуваат информации дека административната зграда ќе биде дополнета со неколку скулптури, вклучувајќи и една централна предвидена да се постави на покривот од објектот. Според податоците во урбанистичкиот план „Мал Ринг“, пред самото здание е замислено да се гради и фонтана со обелиск, која треба да се надоврзе на „барокниот“ архитектонски стил на зградата. Објектот е предвидено да биде висок 29 метри, со приземје, седум ката и поткровје, и со вкупна површина од 24.219 метри квадратни.

 

 

 

Изработеното идејно решение за „барокниот“ објект на Народната банка е дело на авторите Никола Стакинов и Лазар Димов. Наспроти стандардната практика за објавување на архитектонскиот труд пред да започне изградбата на објектот, изгледот на новата зграда од проектот „Скопје 2014“ е целосна непознаница за жителите на главниот град, вклучувајќи ја и архитектонската јавност. Она што се знае е проценката за сумата што е предвидено да се инвестира во градбата. Од Народната банка пресметале дека за изградба на објектот ќе се потрошат дури 35,6 милиони евра. Оваа институција е сместена во една од најпознатите и најголеми згради издигнати по скопскиот земјотрес од 1963 година – препознатливото здание на поранешна „Југобанка“.

 

 

Од опозициската партија СДСМ денес побараа веднаш да запре изградбата на луксузната зграда на Народната банка. „Овие пари можат да се искористат за изградба на филтри на оџаците на РЕК Осломеј, филтри коишто ќе овозможат чиста еколошка електрична енергија, филтри кои ќе го намалат загадувањето на градот. Оваа инвестиција ќе значи повторно рестартирање со целосен капацитет на РЕК Осломеј“, нагласи денеска од Кичево Дамјан Манчевски, потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

 

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk