Претходна статија
Шуто Оризари го доби првото средно училиште
Следна статија
Се помрднуваат од мртва точка плановите за реконструкција на охридската болница „Св. Еразмо“

Балконот на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е дивоградба

Објавено на 02.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По извршениот инспекциски надзор на новиот објект во кој е сместено седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, општина Центар денеска излезе со информација дека балконот над главниот влез претставува дивоградба. Како што соопшти раководителот на Секторот за инспекциски работи Кочо Стојчески, од реализираниот инспекциски надзор се констатирани неправилности во објектот. Постапено е по анексот за измени во градба, кој и понатаму не е правосилен.

 

 

 

„Дел од објектот е пуштен во употреба, што се констатираше на лице место, без употребна дозвола. Надворешниот дел не е настрешница, како што тврдат, туку балкон, а за тоа нема одобрение. Градоначалникот на Скопје Шпанските скали ги стави во урбана опрема, но го заборави балконот на сопствената партија. Поради специфичноста на објектот, ќе се обратиме до Град Скопје за да се провери дали има таква одлука на Советот. Според наши сознанија таква одлука нема“, истакна Стојчески. Поради овие констатирани недоследности, општина Центар ја разгледува можноста за давање предлог за одземање на лиценцата за градење на „Бетон“ од Скопје, која дел од објектот го изградила без потребните одобренија. Инспекцијата на општина Центар најверојатно дека ќе донесе управен акт за отстранување на дел од градбата, за која е констатирано дека е дивоградба.

 

Изведувачот и воедно инвеститор во објектот, скопски „Бетон“, денеска не излезе со свој став на оваа тема, но затоа пак се огласија од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Тие посочуваат дека Градот Скопје во законска процедура издал решение за изведба на настрешницата во нивното ново седиште. „Град Скопје има доставено соодветен одговор до нив со целосна фактографија, што уште еднаш потврдува дека Кочо Стојчески не само што манипулира, туку и не ја знае работата на еден инспектор“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.