Македонскиот транспорт во првиот квартал од 2016 година бележи позитивен биланс единствено кај воздухопловниот превоз. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на превезени патници од македонските аеродроми изнесува 343.541 патници, што претставува раст од 28,2% во споредба со периодот јануари-март 2015 година. Растот кај бројот на патници следува по воведувањето на нови авио линии од скопскиот и од охридскиот аеродром. Истовремено, количеството на превезена стока во воздухопловниот превоз е зголемено за 35,4%.
Спротивно од авиосообраќајот, почетокот на годинава носи променливо темпо на развој кај другите видови транспорт. Со воз биле превезени 166.000 патници, што е за 6,4% повеќе во однос на идентичниот период лани. Железничкиот товарен сообраќај бележи намалување од 21,4% во периодот јануари-март 2016 година. Во истиот квартал, во градско-приградскиот превоз бројот на превезени патници изнесува 19.123.000 патници, што е за 3,3% помалку во споредба со идентичниот период од минатата година.
Статистичарите пресметале дека во првото тримесечје од 2016 година во патничкиот национален и меѓународен превоз биле транспортирани 1.698.000 патници, односно за 18,8% помалку во однос на периодот јануари-март 2015 година. Количеството на превезената стока во товарниот патен превоз е зголемено за 9,3%.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk