Претходна статија
За вртелешката од „Скопје 2014“ е распишан тендер по шести пат
Следна статија
„Мал ринг“ повторно се менува

Арт плоштадот е завршен, започнува втората фаза од реконструкцијата на плоштадот Методија Андонов – Ченто

Објавено на 25.05.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Прилепските локални власти продолжуваат со разубавувањето на централното градско подрачје. Со поставување на фонтаната пред Домот на културата „Марко Цепенков“, заврши реализацијата на проектот за изградба на Арт плоштадот. Истовремено, продолжуваат активностите за реконструкција на плоштадот Методија Андонов – Ченто, при што во втората фаза е предвидено архитектонско и партерно уредување на платото и патеките пред Музејот „11 октомври 1941“. За двата градежни зафати од буџетот на Општина Прилеп и ЈКП „Комуналец“ ќе се издвојат 19 милиони денари или околу 310.000 евра. Завршената фонтана чинеше 3.993.356 денари, додека за понатамошната обнова на градскиот плоштад се наменети 14.996.464 денари.

 

 

 * Арт плоштад

 

Последно изведената содржина на Арт плоштадот претставува сува фонтана со 15 млазници со чист ламинарен млаз, распоредени во линија кои овозможуваат воден ефект, при што фонтаната е илуминирана со 15 светилки во разновидни бои за облагородување на просторот во текот на вечерните часови. Во претходните фази од изведбата на овој јавен простор се поставија нови плочки, шаховска табла за рекреација, патека на славните граѓани кои потекнуваат од Прилеп и споменици на Блаже Конески и Круме Кепески.

 

Продолжува и реконструкцијата плоштадот Методија Андонов – Ченто, а во втората фаза од проектот е предвидено натамошно архитектонско и партерно уредување на старите патеки и платото пред неодамна реконструираниот музеј. Веќе заврши првиот сегмент од зафатот со кој се обновија 600 метри квадратни од оваа јавна површина и се постави споменикот на Кузман Јосифовски – Питу. Во претстојниот период треба да се комплетира плоштадот со површина од 8.000 метри квадратни, на кој покрај мермерни и гранитни плочки ќе се постават и нова урбана опрема, осветлување и поголема зелена површина. Со завршувањето на двата проекта, центарот на Прилеп ќе добие два пространи плоштада со големина од 10.300 метри квадратни.