Претходна статија
МЕПСО инвестира во нов автотрансформатор во скопскиот регион
Следна статија
Проект за спас на црквата во Мавровското езеро

Архитектонскиот труд е девалвиран во Македонија

Објавено на 17.05.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Ниту темата „Паралелни светови“ не предизвика интерес кај македонските архитекти за присуство на дебатата, на која требаше да се потенцираат проблемите со кои тие се соочуваат при нивната работа. На синоќешната централна дебата на овогодинешното XVII Биенале на архитектура, што се одржува во Музејот на Град Скопје, присуствуваа едвај триесетина архитекти. И покрај малиот број присутни, на вчерашниот настан се разменија мислења околу најважните прашања со кои се судира архитектонската фела во земјава. Учесниците на дебатата се сложија дека во моментов постојат неколку горливи проблеми, како што се: девалвирањето на архитектонскиот труд во земјава, непостоењето локации на кои може да се дискутира за архитектурата, постојаното менување на законите во градежништвото, хиперпродукцијата на архитекти од страна на високообразовните установи, а неизоставни беа и мислењата во врска со проектот „Скопје 2014“.

 

Според универзитетскиот професор Мартин Гулевски, неопходно е да се формираат правилници со кои ќе се воведат стандардни тарифи за проектирање, со што ќе се заштити вложениот труд на архитектите во рамките на проектите во реализација. Тој напомена дека постојат архитекти во земјава кои проектираат по енормно ниски цени, доведувајќи на тој начин до рушење на трудот на целата архитектонска фела. Професорот Гулевски посочи дека токму Комората на овластени архитекти и овластени инжинери на Македонија треба да се заложи многу повеќе за решавање на ова прашање бидејќи самите архитекти се бореа за нејзино формирање. Прашањето за вреднувањето на трудот на архитектите побуди најголем интерес и кај останатите учесници на синоќешната дебата.

 

Насочувајќи се и кон другите актуелни прашања, архитектот и професор во пензија Михаил Токарев се задржа на проблемот со континуираните промени на легислативата поврзана со градежништвото. Тој истакна дека има многу дополнувања и измени на законите, при што е проблем да се најде нивниот пречистен текст. Овие измени понекогаш ги затекнуваат архитектите во екот на реализација на нивните проекти. Токарев предложи формирање на Комора на архитекти и урбанисти, како начин за институционална борба за правата на архитектите во земјава и формирање на група во рамките на Асоцијацијата на архитекти за да може правно да се истурка основањето на ваква комора.

 

Партиципиентите на синоќешната дебата се сложија дека постојат премалку манифестации поврзани со архитектурата во земјава, а уште помалку места каде што може да се разговара за актуелни теми, со исклучок на Архитектонскиот факултет. Наспроти ваквата реалност, парадоксално е дека Македонија продуцира огромен број на архитекти во високошколските установи. Архитектот Петар Ѓорѓевиќ смета дека во земјава постои хиперпродукција на архитекти, а Македонија се наоѓа на самиот врв според бројот на архитекти по глава на жител во европски рамки.

 

Архитектот Трајко Димитров се задржа на идејата за формирање на локални комори на архитектите на ниво на Македонија, со цел да се активираат и професионалците надвор од Скопје. Димитров истакна дека во моментов архитектите се третираат како „бело робје“ и повика на кампања за заштита на нивните права од страна на Асоцијацијата на архитекти. Со оваа констатација од негова страна се сложија и останатите учесници на синоќешната дебата.

 

Настаните од програмата на Биеналето на македонската архитектура продолжуваат и во текот на деновите од викендов, а свеченото доделување на наградите на БИМАС 2014 ќе се одржи во понеделник во Музејот на Град Скопје.