Општина Центар деновиве објави Конкурс за изработка на архитектонско – урбанистички проект со идејно решение за ресторанот „Езерце“ во Градскиот парк во Скопје. „Сегашната грда слика од руинираниот простор во Градскиот парк, ќе ја снема и ќе ја замени убаво уреден хортикултурен простор. Со изградбата на новиот ресторан „Езерце“, Скопјани и сите добронамерници ќе добијат повторно култно место за дружење и уживање“, се наведува во соопштението на локалната самоуправа. Според урбанистичкиот план, на локацијата е предвидена изградба на угостителски објект што ќе се простира на површина од 470 метри квадратни, кој треба да се вклопи во градежната парцела со големина од 1.046 метри квадратни. Сопственик на земјиштето е Општина Центар.
Сите заинтересирани за учество на архитектонскиот конкурс ќе треба да ги достават своите трудови најдоцна до 21 март во просториите на локалната самоуправа. Комисијата формирана за оценување на архитектонските замисли ќе додели прва, втора и трета награда, а ќе бидат откупени и уште пет труда. По завршувањето на постапката, граѓаните ќе можат да ги видат сите пристигнати конкурсни трудови на изложба што ќе ја организира Општина Центар. Руините од некогашниот ресторан „Езерце“ веќе неколку години го нагрдуваат ликот на Градскиот парк и неретко служат за вршење нужда во ноќните часови и за фрлање смет од неодговорни граѓани.