Претходна статија
Се реконструираат улици во Стајковци по минатогодишната поплава
Следна статија
Поднесени над 2.100 барања за субвенции за купување велосипед

Април ни донел двојно повеќе планирани станови

Објавено на 13.06.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Нема криза за изградбата на нови станови во земјава. Во четвртиот месец од годинава двојно се зголемила бројката на живеалишта што допрва ќе се градат, споредено со идентичниот период од 2016 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, македонските општини во април 2017 година издале одобренија за градење на 919 станови со вкупна корисна површина од 70.571 метри квадратни. Деловните субјекти обезбедиле градежни дозволи за изведба на 669 станови со површина од 44.180 метри квадратни, додека во останатите домови ќе инвестираат физички лица.

 

Како и во однос на сиот претходен период, инвеститорите се заинтересирани првенствено за изградба на трисобни (346) и двособни станови (324). Скопскиот регион со 392 предвидени станови за градење останува главното место за вложување во овој вид недвижности. На ниво на општини, најмногу одобренија за градење на вакви живеалишта биле издадени од општина Струмица, каде допрва ќе се градат 153 нови станови. По неа, следуваат скопската општина Ѓорче Петров со 139 и општина Кочани со 120 предвидени станови за градење.

 

Државниот завод за статистика пресметал дека во април 2017 година биле издадени вкупно 259 одобренија за градење, што е за 13,6% повеќе во однос на истиот период од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесувала 3.585.751 илјади денари, што е за 18,8% повеќе во однос на идентичниот период лани. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 159 (61,4%) се наменети за објекти од високоградба, 50 (19,3%) за објекти од нискоградба и 50 (19,3%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 259 објекти, на 154 (59,5%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 105 (40,5%) објекти, инвеститори се деловни субјекти.