Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за новинската агенција МИА објави дека е продолжен рокот за поднесување барања за проектот „Купи куќа, купи стан“ до 31 декември годинава. Во претстојниот период во печатените медиуми ќе се објави уште еден повик за аплицирање на граѓаните за државно субвенционирање на станбен кредит. Досега успешно се завршени 121 барање за добивање кредит за купување на стан или изградба на куќа, а уште 20 апликации се во завршна процедура. Македонските банки преку проектот доделија станбени кредити во вредност од околу 4 милиони евра, при што субвенциите на државата достигнаа 703.000 евра. Министерот Ставрески во интервјуто за националната агенција напоменува дека граѓаните повеќе се интересираат за купување стан, отколку за куќа. Најмногу одобрени барања од банките има во Скопје, Битола, Струмица, Кичево и Куманово.
Владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ на граѓаните им овозможува две опции за обезбедување сопствено живеалиште. Првиот модел „Половина учество“ овозможува државата неповратно да обезбеди половина од месечната рата (главнина и камата) од станбениот кредит во првите пет години. Со опцијата „Половина учество“ државата ќе плати 50 отсто од учеството во кредитот, или најмногу до 6.250 евра, но во овој случај граѓаните ќе треба да ги вратат финансиските средства по истекот на 20 години. Како критериуми за учество во проектот се граѓаните да имаат месечни примања помали од 900 евра, цената на недвижноста да не надминува 900 евра за метар квадратен, а износот на кредитот да биде до 50.000 евра. Граѓаните можат да ги поднесат своите барања за станбен кредит преку овој проект во експозитурите на осум македонски банки: НЛБ Тутунска, Охридска, ТТК, Шпаркасе, Алфа, Прокредит, Стопанска – Скопје и Стопанска – Битола.