Претходна статија
Започна реконструкцијата на улицата „Самоилова“ на Скопското Кале
Следна статија
Сламените бали, градежен материјал кој повторно го освојува светот

Аплицирањето за „Купи куќа, купи стан“ ќе се врши до 31 октомври 2012 година

Објавено на 16.05.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за финансии се одлучи за продолжување на рокот за аплицирање за субвенциониран станбен кредит преку објавување на четири дополнителни повици. Првиот од нив ќе се публикува од 1 јуни до 15 јули, вториот од 16 јули до 31 август, третиот од 1 септември до 30 септември и четвртиот од 1 октомври до 31 октомври. Досегашниот тек на проектот покажа дека граѓаните сеуште размислуваат и тактизираат дали да изберат една од владините мерки или пак да почекаат поповолни услови од деловните банки во наредниот период. Оние најупорните кои се пријавија за „Купи куќа, купи стан“ во огромна мерка се одлучија да го изберат моделот државата да им плаќа половина од месечната рата од кредитот за стан во наредните пет години.

 

 

 

 

Владиниот проект стартуваше на 25 јануари и досега се доделени 50 субвенционирани кредити за граѓаните. Како и досега, условите за аплицирање на јавните повици остануваат исти, а банките и министерството ќе одлучуваат по барањата на заинтересираните лица по истекот на секој јавен повик. Барањата може да се поднесуваат до експозитурите на НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка – Скопје, Стопанска банка – Битола, Охридска банка, Шпаркасе банка, Прокредит банка, Алфа банка и ТТК банка. За да влезат во конкуренцијата и да можат да изберат помеѓу отплаќање на половина од месечната рата од кредитот во наредните пет години или половина од учеството за добивање кредит, барателите на заем треба да имаат примања помали од 900 евра месечно, цената на недвижноста да не биде над 900 евра за метар квадратен и кредитот да не надминува вредност од 50.000 евра.