Членките на Групацијата на агенции за недвижности при Стопанската комора на Македонија бараат донесување на закон за посредување во промет со недвижности. Преку законско регулирање треба да се определат условите за вршење на дејноста – посредување и склучување договори, општите услови на посредување, правата и обврските на посредникот, односно на агенциите и агентите за недвижности, професионални испити за агентите, како и контрола и административни мерки за ефикасноста. За таа цел, веќе е во подготовка текстот на законот, во кој ќе се вградат искуства од Европа, Канада и Америка, но ќе се земе во предвид и домашната легислатива.
Од групацијата признаваат дека на македонскиот пазар на недвижности дејствуваат и непрофесионални агенции кои вршат продажба и изнајмување на станови, куќи, деловни и трговски објекти. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека со посредување во промет на недвижности се занимаваат околу 450 правни субјекти со околу 1.130 вработени, а голема е бројката и на оние кои работат од дома, нерегистрирани, посебно во договорањето на продажба на станови. За почитување на дисциплината помеѓу самите членки, од страна на групацијата е подготвен и усвоен Етички кодекс на посредниците со промет на недвижности.