На локацијата на поранешната сапунара „Цветан Димов“ во населбата Кисела Вода за 24 месеци ќе никне висококатницата Адора Flatiron Скопје. Компанијата „Адора инженеринг“ денеска ја започна изградбата на станбено – деловниот комплекс во кој ќе се инвестираат 20 милиони евра. Зградата со висина од 54 метри (приземје, мезанин и 16 ката) ќе им понуди на купувачите станови од 31 до 119 метри квадратни и луксузен апартман од 260 метри квадратни на нејзиниот врв. Во објектот ќе има 29 деловни простории од 45 до 277 метри квадратни и паркинг – простор со капацитет од 350 возила.
Градежната компанија „Адора инженеринг“ се обврза висококатницата да ја гради во неокласичен архитектонски стил. Градежната парцела има површина од 4.403 метри квадратни, а беше купена на електронско јавно наддавање на почетокот од март годинава, по цена од 29.570 денари за метар квадратен. Изготвувач на проектната документација и изведувач на градежните работи е „Адора инженеринг“.