„Адора инженеринг“ вчера вечер го пушти во употреба новиот станбено – деловен објект во скопската општина Кисела Вода. Оваа висококатница лоцирана кај Стара рампа се простира на 21 ниво, вклучувајќи три подземни нивоа, приземје, мезанин и 16 ката. Објектот поседува сопствен паркинг со капацитет од 394 паркинг места. Во комплексот се инвестирани над 20 милиони евра, што претставува најголем проект реализиран од компанијата „Адора инженеринг“ од нејзиното основање. Овој објект претставува своевидна копија на облакодерот „Флетајрон“ од Њујорк.
Станбено – деловниот комплекс „Адора Flatiron“ започна да се гради кон крајот на јули 2015 година. Инвеститорот се обврза новиот објект да го гради во неокласичен архитектонски стил при купувањето на градежната парцела со површина од 4.403 метри квадратни. Општина Кисела Вода го продаде земјиштето по цена од 29.570 денари за метар квадратен на електронското јавно наддавање оддржано во јануари 2015 година. Новиот станбено – деловен комплекс на „Адора“ се издигна на местото на некогашната фабрика „Цветан Димов“.