Македонските градежници ги сумираат податоците за нивниот успех во текот на минатата година. „Адора инженеринг“ на вчерашната презентација на Саемот за недвижности RealExpo 2013 ги претстави податоците поврзани со работењето на компанија во текот на 2012 година. Во периодот помеѓу двата саема „Адора“ успеа целосно да заврши и предаде во употреба 300 станови во Скопје и да изгради нови 300 станови во општина Аеродром. Оваа компанија во текот на минатата година успеа да продаде околу 270 станови во Скопје, Охрид и Струмица и да оствари вкупен годишен обрт од околу 50 милиони евра. Во согласност со нејзините очекувања, компанијата би требало да биде рангирана меѓу 15-те најуспешни фирми во Македонија за 2012 година.
Од „Адора инженеринг“ појаснуваат дека не е намален интересот за купување нови станови од граѓаните. „На Саемот на недвижности RealExpo Скопје – 2013, на штандот на „Адора инженеринг“ се склучени 10-тина договори за продажба на станови“, изјави генералниот директор Ванчо Чифлиганец. Тој напомена дека македонската влада треба да продолжи со мерките за поддршка на градежниот сектор. Како еден од покрупните инвестициските проекти за 2013 година, од „Адора инженеринг“ ја најавуваат изградбата на современ трговски центар, во близина на новата станбена населба што оваа фирма ја гради во општина Аеродром.