Државата ќе инкасира околу 3,2 милиони евра од последната продажба на градежно земјиште во општина Аеродром. Се работи за шест градежни парцели со вкупна површина од 9.953 метри квадратни, наменети за станбени згради. Парцелите се наоѓаат покрај булеварот Февруарски Поход и се опфатени со Деталниот урбанистички план „Локалитет Горно Лисиче урбана единица – А“.
Почетната цена за метар квадратен за сите локации беше 4.000 денари, а на електронската лицитација се постигнаа неколкукратно повисоки цени. Најповолен понудувач за пет градежни парцели со вкупна површина од 8.283 метри квадратни беше компанијата „Адора инженеринг“ која понуди просечна цена од приближно 20.231 денар за квадрат или вкупно 167.573.583 денари за сите парцели. Од „Адора“ најавуваат изградба на вкупно 300 станови. Една градежна парцела со површина од 1.670 метри квадратни доби компанијата „Новоградба“ која понуди 19.100 денари за квадрат или вкупно 31.897.000 денари.
Идните објекти ќе имаат приземје и девет ката, со исклучок на еден, кој ќе го гради „Адора“ и ќе има приземје и пет ката. Рокот за прибавување на дозвола за градење е девет месеци, а рокот за изградба на објектот е 6 години. „Адора“ и „Новоградба“ веќе градат неколку објекти во непосредна близина.