Првата еконаселба во Скопје ќе никне во општина Ѓорче Петров. Новата населба ќе се состои од станбени згради, детска градинка, трговски центар, деловни објекти, бензинска пумпа, паркови и спортски игралишта со вкупна површина од 500.000 метри квадратни. Во амбициозниот проект, планиран за реализација во наредните неколку години, ќе инвестира А.Д. „Карпош“ од Скопје. Почетокот на изградбата е најавен за мај годинава, a првите станови ќе бидат готови кон крајот на 2017 година.
Населбата ќе се гради веднаш до новиот кружен тек кај Порта Влае. Фабриката „Карпош“ како инвеститор е истовремено и сопственик на поголем дел од градежното земјиште. Оттаму најавуваат дека на пазарот на недвижности во Скопје ќе излезат со конкурентна цена на новите станови, која е предвидено да изнесува 790 евра за метар квадратен. Повеќе информации околу амбициозниот проект на А.Д. „Карпош“ ќе можат да се добијат на претстојниот Саем за градежништво, кој ќе се одржи од 1 до 5 март.
Првата еконаселба во Скопје во моментов нема име. Инвеститорите денес известија дека очекуваат самите граѓани да понудат име на населбата. За да ги достават своите предлози, секој од посетителите на Саемот за градежништво ќе добие награден купон на кој треба да се впише предлог – името на населбата. На оној што ќе понуди најиновативно решение, А.Д. „Карпош“ ќе му подари стан – гарсониера во новата населба.