Претходна статија
Изложба на архитект Мишко Ралев на 20 декември во „Мала станица“
Следна статија
Пуштена во употреба пречистителната станица за отпадни води во Струмица

Изложба на наградените дела по Конкурсот за „Мала станица“

Објавено на 18.12.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Архитектонското решение со шифрата „Букви“, изготвено од друштвото за проектирање Вијадукт ДООЕЛ, е добитник на првата награда на архитектонскиот Конкурс за избор на идејно решение за архитектонско – ентериерна реконструкција и функционална редефиниција на објектот „Мала станица“ во центарот на Скопје. Националната галерија на Македонија денеска ги изложи наградените дела во изложбениот простор на „Мала станица“. Авторите на победничкиот труд се стекнаа со наградата во висина од 200.000 денари.

 

 

„Архитектонското решение со шифра „Букви“ се наградува за ефикасно решение на ентериерна организација и опременост на предметниот простор и искажаната дизајнерска иновативност која на најдобар начин го артикулира барањето на институцијата Национална галерија на Македонија, објектот „Мала станица“ да се претвори во современ музејско галериски објект, практичен за функционирање, ефикасен за работа, комфорен за користење, внесувајќи нов дух и амбиент на културната сцена во Скопје и Македонија“ се наведува во образложението дадено од стручното жири.

 

Оформената стручна Комисија во состав: Бесиан Мемети, претседател, Теута Имери, академски ликовен уметник и вонредниот професор д-р Тони Васиќ ги додели и наградите на останатите авторски дела. Втората награда во износ од 60.000 денари ја доби идејното решение со шифра „Плет“, изработено од авторите Ана Рафајловска, Благоја Бајковски и Бојан Рафајловски. Третата награда во износ од 30.000 денари е рамноправно поделена на две архитектонски решенија со шифра „Смакс 1“ (Градежен институт Македонија) и „Кнап“ (Калина Несторовска и Александра Павловска).

 

Националната галерија на Македонија го распиша архитектонскиот Конкурс кон средината на октомври годинава. Неговата реализација не ја обврзува институцијата да го гради избраното решение. Целта на овој конкурс беше да се развие стручна јавна дебата околу лошата состојба на објектот „Мала станица“ и потребата од негова реконструкција и редефиниција за функционално искористување на просторот.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk