Слично на јули, во текот на август годинава се издадени помалку одобренија за градба, но истовремено вредноста на планираните објекти е поголема во споредба со август 2010 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, во август 2011 година се издадени 191 одобрение за градба, што е за 28,5% помалку во однос на истиот период лани. Наспроти издадените дозволи, предвидената вредност на објектите расте и во август и изнесува 2.520.027 илјади денари, што е за 9,8% повеќе во однос на истиот месец од минатата година. Статистичарите пресметале најголемо зголемување на вредноста на објектите во секторот нискоградба од 21,2% во споредба со август 2010 година.
Од вкупниот број евидентирани одобренија за градба, 149 (78%) се наменети за објекти од високоградба, 17 (8,9%) за објекти од нискоградба и 25 (13,1%) за објекти за реконструкција. Најголемо намалување од 43,3% е забележано кај дозволите за објекти од нискоградба, а значително намалување е констатирано и кај одобренијата за објектите од високоградба за 27,3% во споредба со истиот период лани. Според податоците на статистичарите, во август е предвидена изградба на 558 станови на територијата на Република Македонија. Изненадувачки, најголем број на планирани станови за градба во август се започнати во полошкиот регион со 179 станбени единици, а на ниво на општини предничи Ѓорче Петров со планирани 111 станови за градба.
Бојан Блажевски