На Скопски саем денеска започна првиот Меѓународен саем за транспорт и логистика, кој ќе трае до 8-ми октомври. На манифестацијата учествуваат над 40 компании од железничкиот, поморскиот и воздухопловниот сообраќај, како и шпедитерски и логистички центри. Во првите две хали на саемот во наредните денови ќе се претстават Македонски и Словенечки железници, ТАВ Македонија, пристаништата во Солун, Драч и Бар, Шенкер, Гебрудер, Фершпед, Дени Интернационал, а товарните возила и транспортните системи ќе ги презентираат компаниите Шмиц, Ивеко, Мерцедес, Волво, Ман и Пежо.
Во рамките на саемската манифестација, задутре ќе се одржи дебата на тема „Инвестициите во патната инфраструктура – основен чинител за развој на македонското стопанство и економија“ под модераторство на професорката Кристи Бомбол, а денес саемот се отвори со конференцијата на тема „Интеграцијата на југоисточниот пазар – следниот голем предизвик во логистиката и транспортната индустрија во Југоисточна Европа“ на која се обратија вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и директорот на македонската царина Ванчо Каргов. За утрешниот ден е планирана конференција на тема „Македонија, логистичко и транспортно место во Југоисточна Европа“. Според предвидената програма, посебни презентации ќе одржат Словенечките железници и пристаништата од Бар, Солун и Драч.
Бојан Блажевски