Постоечката сезона на изнајмување велосипеди во Скопје е речиси завршена, а Ј.П. „Градски паркинг“ успеа да отвори само еден нов пункт кај стоковната куќа „Мост“ на самиот крај на сезоната. Иако беа најавени три велосипедски пунктови, Ј.П. „Градски паркинг“ уште во текот на пролетта се откажа од оној во населбата Ѓорче Петров, а сеуште не е пуштен најавениот велосипедски пункт кај Транспортниот центар. Нема никаква информација ниту за остварување на кинеската донација за купување нови велосипеди за изнајмување, ниту пак за планираното купување велосипеди од сопствени средства на претпријатието. „Билд“ во два наврати се обиде да добие одговор на темата од ова јавно претпријатие, но нашите напори не влодија со плод.
Уште пред почетокот на сезоната за изнајмување, во јануари од Ј.П. „Градски паркинг“ ветија дека ќе се градат нови велосипедски пунктови за изнајмување, а истата најава беше повторена неколку пати и не се оствари. Првичниот краен рок за пуштањето на двата нови пункта за изнајмување беше средината на мај годинава, а втор пат од ова јавно претпријатие го посочија почетокот на јули како краен рок за проширување на инфраструктурната мрежа за изнајмување велосипеди. Конечно, на крајот на сезоната делумно се реализираа ветувањата и профункционира новиот пункт кај стоковната куќа „Илинден“.
Неостварени се и најавите за купување нови велосипеди за изнајмување. На почетокот од април, од претпријатието кое стопанисува со јавните паркинзи во Скопје изјавија дека ќе се купуваат нови велосипеди од сопствени средства, но и ова ветување не се оствари. Нереализирана е и донацијата од Н. Р. Кина во износ од 10.000 евра за набавка на нови велосипеди, иако истата и е подарена на градот и на скопјани уште во ноември 2010 година. Засега нема најава кога ќе се реализираат овие проекти, но рокот за нивно завршување е повеќе од краток бидејќи годинешната сезона на проектот „Скопје изнајми велосипед“ завршува на 31 октомври.
Бојан Блажевски