Општина Прилеп продолжува со засилено темпо да работи на реновирање и надградба на јавните површини во градот. Деновиве започна реконструкцијата на плоштадот „Методија Андонов Ченто“, кој е со површина од 8.000 метри квадратни и во наредниот период ќе се обновува во неколку фази. Првата фаза е веќе започната и истата предвидува третирање на делот пред Меморијалниот музеј „11 октомври 1941“ на површина од 600 метри квадратни, зафат што треба да биде завршен до пуштањето во употреба на реконструираниот музеј на 11 – ти октомври. При реконструкцијата на плоштадот е предвидено да се постават мермерни и гранитни плочки, а во оваа фаза е планирано да се постави и споменикот на Кузман Јосифовски – Питу. Со овој проект ќе се постави нова урбана опрема и осветлување во рамките на плоштадот, а центарот на градот ќе добие и поголема зелена површина.
Покрај реконструкцијата на плоштадот „Методија Андонов Ченто“, општинските власти започнаа со ревитализација на парковската површина во населбата „Точила“ на површина од 16.500 метри квадратни. Планирана е изградба и реконструкција на постојните спортски игралишта, а оваа прилепска населба ќе добие и нов парк. Финансиските средства за двата проекта се обезбедени од буџетот на општината и од ЈКП „Комуналец“ од Прилеп.
Бојан Блажевски