Според податоците на Државниот завод за статистика, во јули 2011 година се издадени 210 одобренија за градба што е за 8,7% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Најголем пад се бележи во одобренијата за реконструкција на објектите, каде што има намалување од 17,6% во споредба со јули 2010 година. Од вкупниот број одобренија за градење, 166 (79,1%) се наменети за објекти од високоградба, 16 (7,6%) за објекти од нискоградба и 28 (13,3%) за објекти за реконструкција.
*изградбата на станови и понатаму бележи значителен подем
И покрај намалувањето во однос на издадените одобренија за градба, статистичарите пресметале дека предвидената вредност на објектите значително се зголемила во споредба со истиот период лани. Новите објекти што отпочнале да се градат и добиле дозвола во јули имаат пресметана вредност од 2.443.455 илјади денари, што е за 55,9% повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Најголем пораст од огромни 433,9% е забележан во секторот нискоградба, а значително зголемување во предвидената вредност од 286,7% е констатирана и во секторот реконструкција. И покрај драстичните подеми во овие сектори кога станува збор за финансиската конструкција на објектите, сепак уделот на овие сектори во вкупната вредност на сите планирани објекти е минимален.
Трендот на зголемена изградба на станбени површини продолжува и во текот на месец јули. Во извештајниот период е предвидена изградба на 697 станови со вкупна корисна површина од 54.274 метри квадратни, што претставува значително зголемување од 70% во споредба со јули 2010 година. Инвеститорите и понатаму најмногу згради градат во скопските општини, па така општина Аеродром предничи со 236 предвидени станови за градење и општина Кисела Вода со планирани 129 станови.
Бојан Блажевски