Претходна статија
ОСВРТ: Европски цени за становите во Скопје
Следна статија
„Кромберг и Шуберт“ набргу ќе стартува со изградба во Жабени

Патничкиот сообраќај во пораст, товарниот превоз со поголем пад

Објавено на 31.08.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Патниот и воздухопловниот превоз бележат раст во превозот на патници, додека железничкиот сообраќај бележи пад во товарниот и патничкиот сообраќај во второто тримесечје од 2011 година. Според соопштението на Државниот завод за статистика, во патниот патнички превоз се превезени 3.992.000 патници, што претставува раст од 18% во споредба со истиот период лани, во железничкиот патнички сообраќај се превезени 377.000 патници, односно е забележан пад од 6,3% во споредба со второто тримесечје од 2010 година, во воздухопловниот превоз се превезени 197.046 патници, што претставува зголемување од 14,8% во однос на минатата година, додека бројот на патници во градско – приградскиот превоз изнесува 16.429.000 патници, при што истиот бележи зголемување од 3,3% во споредба со вториот квартал од 2010 година.

 

Иако постојат големи надежи во воздухопловниот патнички превоз, сепак растот во овој сектор не е толку забележителен колку што се најавуваше од страна на новиот сопственик на македонските аеродроми. Во првата половина од 2011 година се превезени вкупно 334.544 патници од македонските аеродроми, иако статистичарите пресметале пораст на бројот на патници од 43,3% во вториот квартал од 2011 година во споредба со првото тримесечје од оваа година.  Воздухопловниот сообраќај бележи мал пораст во товарниот превоз од 3,9% во вториот квартал од 2011 година.

 

Најдраматична е состојбата во железничкиот сообраќај. Покрај благиот пад во превозот на патници во железничкиот сообраќај, значително намалување е забележано во товарниот превоз. Според податоците на статистичарите, во второто тримесечје од 2011 година се превезени 635.000 тони стока, што претставува намалување од 22,8% во споредба со истиот период лани и намалување од 7,6% во споредба со првиот квартал од 2011 година. Слично на железницата, поголем пад во товарниот сообраќај е забележан и кај патниот превоз, па така во опсервираниот период се превезени 27,4% тони стока помалку во споредба периодот април – јуни 2010 година.

 

 

Бојан Блажевски