Претходна статија
Ќе се легализираат огромен процент од дивоградбите
Следна статија
Издадени помалку одобренија за градба, но со поголема вредност на објектите

ОСВРТ: Становите во Охрид поскапи од туристичките центри во Бугарија, Албанија и Грција

Објавено на 05.09.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градежните компании и граѓаните држат висока цена на становите и апартманите во Охрид, па така голем дел од приморските туристички центри во Бугарија, Албанија и Грција нудат поевтини цени за купување станбени површини. За стан во центарот на Охрид може да се купи апартман на грчкиот остров Тасос или во бугарскиот туристички комплекс Сончев Брег, но и просечен стан на хрватскиот брег на Јадранското море. И покрај скапотијата на Охрид, убедливо највисоки цени на становите се нудат во Дубровник и Будва кои нудат и до 10 пати повисоки цени за метар квадратен станбена површина.

 

*Охрид, Македонија

 

На охридското крајбрежје најевтини станови се нудат во населбата Даљан по цена која неретко се спушта под 500 евра за 1 метар квадратен. На пример, стан од 64 метри квадратни од оваа населба се продава за 27.500 евра или 430 евра за 1 метар квадратен. Наспроти Даљан, највисока вредност достигнуваат станбените единици во населбите Центар и Охридати. Во централното подрачје на Охрид може да се купат станови по цена од 700 евра за 1 метар квадратен, при што вообичаената сума за оваа локација е од 800 до 1.100 евра за 1 метар квадратен. Агенциите за недвижности нудат нов стан од 52 метри квадратни во центарот на Охрид за 52.000 евра или 1.000 евра по метар квадратен.

 


*Касандра, Грција

 

Во населбата Охридати се нудат најскапите станбени единици по цена од 900 до 1.200 евра за 1 метар квадратен. На пример, стан во оваа населба од 72 метри квадратни се продава за 79.200 евра, односно за 1.100 евра по метар квадратен. Наспроти стандардните станови, во Охрид се нудат и апартмани сместени во комплекси кои го носат епитетот „ексклузивни“ или „луксузни“ и истите понекогаш достигнуваат цена од 1.400 евра за 1 метар квадратен.

 


*Сончев Брег, Бугарија

 

За еден стан во централното градско подрачје на Охрид може да се купат два стана во приморските градови Варна, Бургас или Сончев Брег. Одредени понуди на бугарските агенции за недвижности покажуваат дека во Бургас и Варна може да се купат станови по цена пониска од 500 евра за 1 метар квадратен. На пример, новоизграден празен стан од 53 метри квадратни во варненската населба Владиславово се продава за 20.000 евра, додека трособен апартман од 99 метри квадратни во Бургас се нуди за 42.377 евра. Становите и апартманите во овие два бугарски града многу ретко ја надминуваат цената од 1.000 евра по метар квадратен, а најскапите понуди од 2.000 евра за метар квадратен се однесуваат за луксузни апартмани на самиот морски брег во туристичките центри Сончев брег и Златни песоци.

 


*Злати Песоци, Бугарија

 

Дека Охрид е скапа дестинација за купување стан говори и податокот за вредноста на апартманите во Сончев Брег. На пример, наместен апартман од 72 метри квадратни во Сончев Брег се продава за 36.300 евра, односно за 504 евра по метар квадратен. Конкретниот апартман е сместен во рамките на атрактивен комплекс со базени и пропратни содржини на само 250 метри од плажите во Сончев Брег. Слично на Бугарија, албанското приморско крајбрежје нуди значително поевтини цени за купување на станови од македонската туристичка метропола.

 


*Саранда, Албанија

 

Голема понуда на станови и апартмани во Албанија има во крајбрежниот град Саранда, при што најевтината понуда започнува од 500 евра за 1 метар квадратен а најскапите достигнуваат цена повисока од 1.200 евра по метар квадратен. На пример, новоизграден апартман од 127 метри квадратни се продава за 82.550 евра или за 650 евра за 1 метар квадратен. Слично на Саранда, и во Валона цената на апартманите стартува од 500 евра за 1 метар квадратен и истата надминува 1.000 евра кога станува збор за апартмани сместени во луксузни објекти на самото крајбрежје со поглед на море.

 


*Касандра, Грција

 

Можеби звучи изненадувачки, но становите и апартманите во Охрид често имаат идентична цена со апартманите на островиот Тасос и во локалитетот Касандра на полуостровот Халкидики. Според една од агенциите за недвижности од Грција, на островот Тасос можат да се купат апартмани и куќи по цена од 1.000 до 1.200 евра за 1 метар квадратен. Една од понудите е комплекс со апартмани во Лименариа, при што се нудат апартмани од 57 метри квадратни за 58.000 евра или 1.017 евра за 1 метар квадратен, односно апартмани од 75 метри квадратни по цена од 84.000 евра.

 

Сепак, во последно време најатрактивни за македонските граѓани се недвижностите што се продаваат на Халкидики. Во Касандра се нудат апартмани по цена од 1.000 до 1.500 евра за 1 метар квадратен. На пример, апартман од 60 метри квадратни се продава за 65.000 евра, односно за 1.083 евра по метар квадратен. Една друга агенција нуди апартман од 65 метри квадратни за 80.000 евра, односно 1.230 евра за 1 метар квадратен. Најскапите ексклузивни апартмани во Касандра достигнуваат цена од 2.500 евра за 1 метар квадратен.

 

Во одредени случаи, на хрватското јадранско крајбрежје можат да се купат просечни станови по цена идентична на становите во охридската населба Охридати. Според една од хрватските агенции за недвижности, најниска просечна цена на становите е во Пула, а највисока во Дубровник. На пример, во центарот на Пула може да се купи стан од 46 метри квадратни за 55.382 евра или за 1.200 евра за 1 метар квадратен, а просечната цена на становите во овој град изнесува 1.550 евра по метар квадратен. Во Задар може да се најде просечен стан по цена идентична на новоизградените луксузни станови во Охрид, иако просечната цена на станбените површини во овој град е 1.900 евра по метар квадратен.

 

Иако становите на хрватското крајбрежје се најчесто поскапи од оние во Охрид, Дубровник претставува посебна приказна во однос на висината на цената на недвижностите. Така, во стариот дел на овој град се продава апартман од 100 метри квадратни за фантастични 850.000 евра, иако дел од становите во „бисерот“ на Јадранот се нудат и по цена повисока од 10.000 евра по метар квадратен.

 

Идентично на Хрватска, вредноста на становите и апартманите на црногорското крајбрежје е недостижна за станбените површини во Охрид. Во Будва може да се купат станови по цена од 1.500 евра за метар квадратен, но истите се оддалечени околу 1 километар од самото море. Наспроти нив, становите на самиот брег на Јадранското море се нудат по цена од 3.000 до 4.500 евра за 1 метар квадратен. На пример, стан од 32 метри квадратни на 40 метри од морето се нуди за 135.000 евра или 4.218 евра по метар квадратен. Убедливо највисока е вредноста на станбените површини и куќите во близина на Свети Стефан, каде цената на становите надминува 6.000 евра за 1 метар квадратен. Според една од црногорските агенции за недвижности, двособен стан од 95 метри квадратни со поглед на Свети Стефан се продава за неверојатни 997.500 евра, односно 10.500 евра по метар квадратен.

 

Иако Будва и Дубровник се недостижни за Охрид кога станува збор за вредноста на станбените единици, сепак македонската туристичка метропола држи извонредно високи цени за купување стан или апартман. Агенциите за недвижности од Бугарија, Албанија, Грција, па дури и Хрватска нудат станови и апартмани по пониска или идентична цена со оние што ги нуди нашиот туристички бисер. За вредноста на еден стан во централното градско подрачје на Охрид може да се купат по два стана на море во Бугарија или Албанија, што претставува доволен показател дека цените на становите во Охрид се превисоки.

 

 

Бојан Блажевски