Становите и апартманите во Будимпешта се поевтини од оние што се нудат во Скопје, а за луксузни станови во скопските населби Центар, Водно, Аеродром и Карпош можат да се купат убаво уредени станбени единици во Љубљана и Загреб. Можеби звучи нереално, но апартман во строгиот центар на Будимпешта се продава за 30.000 евра поевтино од луксузно уреден апартман во скопската населба Козле.
Минималната цена на новоизградени станови во Скопје изнесува околу 900 евра за квадратен метар. Ако на ова се додаде комплетното опремување на домот, тогаш истиот е значително поскап. Агенциите за недвижности нудат станови во главниот град кои се значително различни по цена во зависност од тоа во која населба се наоѓаат. Понудите на станови за централното градско подрачје се движат по цена од минимум 1.100 евра за метар квадратен, а за луксузна станбена површина во центарот на Скопје се плаќаат и до 1.500 евра за метар квадратен. На пример, нов стан од 49 метри квадратни во Центар чини 62.000 евра, а луксузен стан од 120 метри квадратни во населбата Козле се нуди за дури 190.000 евра. Најскапи се становите во населбата Водно кои во просек се движат по цена од околу 1.500 евра за 1 метар квадратен. На пример, новоградба од 56 метри квадратни во населбата Водно изнесува 78.400 евра.
За разлика од централното градско подрачје, во населбите Аеродром, Карпош и Кисела Вода може да се пронајдат станови по цена од 900 до 1.100 евра за метар квадратен, па така четворособен стан од 100 метри квадратни во Стар Аеродром чини 93.000 евра. Наспроти центарот и населбите кои гравитираат околу него, становите во скопските општини Ѓорче Петров, Чаир и Гази Баба се речиси двојно поевтини во понудите на Агенциите за недвижности и истите се движат по цена и од 600 евра за метар квадратен. На пример, двособен стан од 57 метри квадратни во населбата Маџари се продава за 38.500 евра, додека трособен стан од 74 метри квадратни во населбата Ѓорче Петров се нуди за само 45.000 евра.
Желбата сите да живеат во центарот на главниот град доведе до огромни ценовни разлики на становите во скопските општини, но истовремено и до претерани цени на поединечни понуди кои можат да се споредат со станови и апартмани што се нудат во Будимпешта, Љубљана и Загреб. Порталот „Билд“ пребара дел од понудите за продажба на станбени површини во овие градови и дојде до фрапантни резултати.
Луксузните станови во Скопје поскапи од оние во Будимпешта
Преку унгарски интернет – портал за недвижности, во строгиот центар на Будимпешта може да се купи луксузно реновиран и наместен стан од 119 метри квадратни за 164.000 евра, односно 1.380 евра за метар квадратен. Се работи за стан во близина на популарната улица Ваци со поглед кон реката Дунав. Овој стан е за речиси 30.000 евра поевтин од луксузно опремениот стан во населбата Козле, дел од понудата на една од скопските агенции за недвижности.
*станот во центарот на Будимпешта што „Билд“ го одбра е за 30.000 евра поевтин од станот во населбата Козле
Во „срцето“ на Будимпешта се нуди и уреден апартман од 131 метар квадратен за 209.000 евра, односно за 1.672 евра за метар квадратен. Апартманот се наоѓа во непосредна близина на популарниот Национален музеј во Будимпешта. Во историскиот дел на Буда се продава двособен наместен и обновен стан од 54 метри квадратни за 67.195 евра или за 1.244 евра за метар квадратен. Понудите во историскиот дел на Буда нудат панорамски поглед на цела Будимпешта по цена помала од 1.500 евра за метар квадратен. Најскапи се становите и апартманите на авенијата Андраши, каде што истите се продаваат и по цена повисока од 2.500 евра за квадратен метар. Сепак, во богатата понуда на станови на улицата Андраши пронајдовме понуда од 210.715 евра за апартман од 134 метри квадратни, односно за 1.570 евра за метар квадратен.
Становите во Љубљана со речиси идентична цена во сите населби
Според една од понудите на агенциите за недвижности, во центарот на Љубљана и во љубљанските населби можат да се пронајдат станбени површини кои имаат слична вредност на оние од Скопје. Уреден стан од 40 метри квадратни во центарот на Љубљана се нуди за 73.000 евра, односно 1.825 евра за квадратен метар. Во љубљанската населба Шишка се продава празен стан од 80 метри квадратни за 85.000 евра или за 1.060 евра за метар квадратен.
Иако цената на недвижностите во Љубљана понекогаш достигнува и до милион евра за луксузно опремени апартмани од стотици метри квадратни, во градот може да се најде поволна понуда за поголеми станови. Во населбата Бежиград се нуди трособен реконструиран стан со површина од 82 метри квадратни по цена од 160.000 евра, понуда која е за речиси 30.000 евра поевтина од примерот за луксузно опремен стан во населбата Козле.
*убаво опремен стан во Љубљана поевтин од луксузен стан во скопската населба Козле
Становите во Загреб со речиси идентична цена со оние во Скопје
Вредноста на становите во центарот на Загреб се проценува по речиси идентична цена со онаа на становите во скопските населби Центар и Водно. Според информациите од една од хрватските интернет – страници за недвижности, реновирани станови во населбите Доњи Град и Горњи Град во „срцето“ на Загреб можат да се купат по цена од 1.200 евра за метар квадратен, иако ексклузивно опремените апартмани на плоштадот Бан Јелачиќ достигнуваат цена од 3.000 евра за метар квадратен. На пример, реновиран стан од 61 метар квадратен во населбата Горњи Град се продава по цена од 75.000 евра или 1.229 евра за метар квадратен, додека стан од 35 метри квадратни во населбата Доњи Град се нуди за 50.000 евра или 1.429 евра за метар квадратен.
Становите во Скопје како непромислен луксуз
Споредбата со Будимпешта, Љубљана и Загреб покажува дека становите во централното градско подрачје на Скопје се идентични во однос на цените, иако овие градови се далеку поразвиени и нудат подобри услови за живот, а и просечните примања на нивните граѓани се неколку пати повисоки од граѓаните на главниот град на Македонија. Проценетата вредност на просечните станбени површини во центарот на Скопје е двојно поголема од онаа на просечните станови во населбите Чаир, Ѓорче Петров и Гази Баба, што претставува феномен карактеристичен единствено за Скопје и непознат за Будимпешта, Љубљана и Загреб. За волја на вистината, и кај овие главни градови се јавуваат големи разлики во цените, но критериумот „строг центар на град“ не одигрува клучна улога во определувањето на вредноста на станот.
Бојан Блажевски