На просторот на фабриката за автобуси „ФАС 11 Октомври“ во скопската населба Ќерамидница ќе се гради луксузна станбена населба. Се работи за земјиште со површина од нешто над 50 илјади метри квадратни кое беше ставено под хипотека и после нејзиното аткивирање е продадено на јавно наддавање за околу два милиони евра, објави дневниот весник „Капитал“. Неофицијално, проектот за населбата е веќе подготвен, а во моментов тече процедурата за добивање на градежни дозволи. Планирано е уривање на сите постоечки погони на „ФАС“.
Инвеститорот засега останува мистерија. „Се споменува името на бизнисменот Орце Камчев, но тој вчера категорично демантираше дека е дел од овој проект. Овие информации тој ги нарече чисти шпекулации.“ – пишува „Капитал“.
Просторот на поранешната фабрика е дел од Деталниот урбанистички план „Ќерамидница – урбан блок 1“, според кој таму беа предвидени големи трговски единици. Советниците на Општина Гази Баба на 19 мај годинава усвоија измени и дополнувања на урбанистичкиот план, но на општинската веб страница сеуште е поставен стариот ДУП.