Претходна статија
Во јуни се граделе помалку објекти, но со поголема вредност
Следна статија
ОСВРТ: Меѓународните македонски возови патуваат кон 19-тиот век

Државниот буџет ќе помага при купување на стан и изградба на куќа

Објавено на 08.08.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Со буџетски средства ќе се субвенционираат станбени кредити со максимален износ до 50.000 евра за станови чија цена не надминува 900 евра (со пресметан ДДВ) за квадратен метар корисна површина. Овие критериуми се само дел од Предлог – законот за субвенционирање на станбени кредити кој го усвои Владата на Р.М., а кој наскоро се очекува да се најде на дневен ред во Собранието. Министерството за финансии изготви посебна интернет – страница на која граѓаните можат да се информираат за проектот за субвенционирање на половина од месечната рата од станбен кредит за првите 5 години од отплатата на кредитот и за проектот кој овозможува државата да плати 50% од учеството во кредитот за купување стан односно изградба на куќа.

 

Предлог – законот во однос на субвенционирањето на половина од месечната рата се однесува на кредити со максимален износ до 50.000 евра со рок на враќање подолг од 20 години, при што каматата во првите 3 години не смее да биде поголема од 4,99% годишно, а продажната цена на станот не смее да надминува 900 евра за квадратен метар. Граѓаните кои ќе се одлучат за оваа опција нема да треба да ги враќаат средствата за субвенционирање на пола – пола рата, односно по завршувањето на периодот во кој државата плаќа половина од ратата на станбениот кредит, корисникот нема обврска истите да ги врати.

 

Втората можност е државата да плати 50% од учеството во кредитот за купување стан односно изградба на куќа. Предлогот предвидува максималниот износ на кредитот за купување на стан или изградба на куќа да биде до 50.000 евра и да се субвенционира половина од учеството на кредитот кое не смее да надминува 25% од кредитот за целата недвижност, а останатите 50% од учеството во кредитот треба да ги обезбеди корисникот на истиот. Условите обврзуваат рокот на отплата да биде подолг од 20 години, при што продажната цена на становите не смее да надминува 900 евра (со пресметан ДДВ) за квадратен метар, а граѓаните ќе треба да ги вратат парите од државниот буџет по 20 години, без камата, на 5 еднакви годишни рати.

 

Според објавениот материјал на официјалната веб – страница, граѓаните ќе треба да задоволат неколку критериуми доколку сакаат да добијат поткрепа од буџетот. Заинтересираните лица заедно со брачниот другар не треба да имаат во сопственост стан или куќа или пак ќе треба да го продадат единствениот стан односно куќа за да купат поголем за потребите на сопствено домување, не треба да заработуваат заедно повеќе од 900 евра месечно и не смеат да имаат подигнато друг станбен кредит. Условите предвидуваат недвижностите да се купуваат како новоградби, директно од инвеститорот или од изведувачот на станбениот објект.

 

Владата предвидела и ограничувања за сите физички лица кои ќе купат стан со државна помош, па така забрането е давање на недвижноста под закуп, забрането е отуѓување на станот, односно куќата во првите 5 години од неговата отплата, а граѓаните не смеат ниту да ја оптоваруваат купената недвижност со хипотека. Предлог – законот за субвенционирање на станбени кредити е предвидено да почне да се применува од 1 јануари 2012 година, а претходно истиот треба да помине низ собраниските комисии и на гласање во Парламентот.

 

 

Бојан Блажевски