Неодамна во 30 автобуси на јавното сообраќајно претпријатие беа вградени GPS уреди. Со ова стартуваше имплементацијата на проектот за следење на движењето на автобусите, од што покрај ЈСП, директна корист ќе имаат и патниците. Во тек е поставување на електронски информативни табли на 10 скопски автобуски постојки, на кои поминуваат линиите 2 и 5. На нив граѓаните ќе можат да го видат времето на пристигнување на автобусите. Во иднина информациите за движењето на автобусите ќе можат да се добиваат и преку интернет и мобилна телефонија, со што времето на чекање ќе биде сведено на минимум. Превозниците од своја страна во диспечерските центри ќе можат точно да го следат остварувањето на возните редови и да интервенираат во случај на нивно пореметување.
Првично беше најавено дека поставувањето на електронските инфо-табли ќе биде во септември. Засега со по една табла се опфатени постојките кај маркетот на „Тинекс“ во Ѓорче Петров, кај ТЦ „Лептокарија“, кај Народната банка и кај ТЦ „Бисер“, а со по две, односно обострано, постојките кај пазарчето „Буњаковец“, на „Рекорд“ и кај Бит-Пазар. Секоја табла чини по 4,5 илјади евра и ги поставува фирмата „ГеоНет“. Следи период на тестирање, а официјално во употреба за граѓаните ќе бидат пуштени кон крајот на јануари следната година. Покрај ова, од ЈСП најавуваат преадаптирање на уште 12 автобуси за користење на природен гас како погонско гориво.
Сето ова е дел од проектот „Ренесанса“ што се спроведува во рамки на CIVITAS иницијативата која е кофинансирана од ЕУ и која има за цел подобар и поеколошки јавен превоз во европските градови. Град Скопје доби 730.000 евра за четири сообраќајни проекти: преадаптација на горивата во автобусите, план за развој на одржливи градски транспортни системи, интелигентен транспортен менаџмент и контрола, како и воведување на автоматска локација на возилата за јавен транспорт и информација за реално време на автобуските постојки. Скопје во „Ренесанса“ е опфатено со уште четири града: Перуџа (Италија), Бат (Обединето Кралство), Шчечинек (Полска) и Горна Ораховица (Бугарија), а вкупниот фонд за инвестициите на петте града изнесува 14 милиони евра. Проектите ќе се реализираат за време на четири години.