Претходна статија
Штип штеди со енергетски ефикасно улично осветлување
Следна статија
Нова тура споменици

Тежок почеток, но светла иднина за ТАВ и авиосообраќајот

Објавено на 20.06.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Број на патници во авиосообраќајот во Македонија, во периодот 1990-2010Бројот на патници во авиосообраќајот во Македонија бележи континуиран пораст, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, иако сеуште целокупната сума на превезени патници е неколкукратно помала во однос на аеродромите од регионот. Поголем наплив на патници и летови се очекува со завршувањето на новата терминална зграда на скопскиот аеродром и со полетувањето на нискобуџетните авиокомпании од ова лето.

 

Според статистичарите, во првиот квартал од 2011 година се превезле 137.498 патници од двата македонски аеродроми, што претставува зголемување во споредба со првиот квартал од 2010 година, кога бројот на превезени патници изнесувал 127.856. Архивата на Државниот завод за статистика покажува дека бројот на превезени патници и во првиот квартал од 2010 година забележал раст од 10,8% во однос на првите три месеци од 2009 година, кога со авион патувале 115.383 лица.

 

Збирните резултати од 2010 година покажуваат дека преку македонските аеродроми во 2010 година се превезле вкупно 719.796 патници или од влезот на турската компанија ТАВ во март 2010 година до март 2011 година се превезени 729.438 лица.  Статистичките податоци укажуваат дека ТАВ во првата година од управувањето со македонските аеродроми не забележал значителен пораст на превезени патници, односно бројките се речиси идентични со оние од времето кога со македонските аеродроми стопанисуваше државата. Според плановите на турската компанија, во иднина од скопскиот аеродром ќе се превезуваат 5 милиони патници во текот на годината, додека за охридскиот аеродром се предвидува проток од 200.000 патници годишно.

 

Авиосообраќајот во земјава се очекува да заживее со завршувањето надградбата на скопскиот аеродром предвидено за денот на независноста – 8 септември и со влегувањето на нови авиокомпании на македонските аеродроми. Air Berlin  веќе ги најави своите директни летови од Скопје до Дизелдорф, додека нискобуџетната авиокомпанија Wizz Air започна да ги продава летовите на релација Лондон – Скопје – Лондон и Венеција – Скопје – Венеција.  Пред неколку месеци авиопревозникот  Fly Niki  го најави влегувањето во Македонија преку летовите на релација Скопје – Виена – Скопје, а за ова лето се предвидени и чартер – летови на десет авиокомпании кон дестинациите Барселона, Венеција, Рим, Хелсинки, Амстердам, Анталија и Бодрум.

 

 

Бојан Блажевски