Општина Штип го претстави архитектонското решение според кое ќе се реконструира градскиот плоштад во овој град. Новиот плоштад ќе нуди модернистички дизајн, ќе вклучува урбан и модерен градежен материјал и ќе зафаќа површина од 2.500 метри квадратни, јавува интернет – порталот на општина Штип.
Проектот предвидува отстранување и преместување на старата фонтана од градскиот плоштад и поставување на дрворед. На реконструираниот плоштад е предвидено да се постави споменик на Александар Македонски. Градежниот зафат за модернизација на плоштадот „Слобода“ ќе го кредитира Светската банка и истиот ќе чини 360.000 евра.
Новиот изглед на плоштадот „Слобода“ претставува помал сегмент од планот за уредување на централното градско подрачје во Штип. Светската банка ќе издвои два милиони евра за уредување на коритото на реката Отиња и изградба на пет паркинг платформи. Почетокот на изградбата на овој проект е предвиден за септември 2011 година, а градежните активности е планирано да завршат во текот на 2012 година.
Бојан Блажевски