Првите три месеци од 2011 година носат големо зголемување на бројот на превезени патници и на стока во патниот сообраќај покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во патничкиот сообраќај се превезени за 30,3% повеќе патници од првото тримесечје во 2010 година, додека товарниот патен сообраќај бележи зголемување од дури 70,7% во споредба со истиот период лани, се наведува во соопштението на Државниот завод за статистика.
Во патничкиот сообраќај се превезени 3.768.000 лица, што претставува зголемување од 900.000 патници во однос на првото тримесечје од 2010 година, додека во товарниот патнички сообраќај се превезени 10.142.000 тони стока, наспроти 5.941.000 тони во текот на изминатата година. Благ раст бележи и градско – приградскиот сообраќај со зголемување на превозот од 2,3%, односно 17.106.000 патници.
Статистиката покажува благо зголемување на бројот на превезени патници и на стока и во воздухопловниот сообраќај. Во првите три месеци од 2011 година се превезени 137.498 патници, што претставува зголемување за 7,5% во споредба со истиот период изминатата година. Поголем раст од 12,6% бележи товарниот авионски сообраќај, а зголемување од 4,5% е забележано и кај поштенскиот сообраќај во првото тримесечје од оваа година.
Големо разочарување и во 2011 година претставува железничкиот сообраќај, кој бележи намалување во патничкиот и во товарниот сообраќај. Бројките покажуваат дека превозот на патници е намален за 2,6% во споредба со првото тримесечје од 2010 година, односно во овој период се превезени 337.000 патници. Намалување на обемот на работа е забележан и кај товарниот железнички сообраќај од 2%, статистичките показатели укажуваат на 687.000 тони превезена стока.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во првото тримесечје од 2011 година сообраќајот во Република Македонија бележи раст во превозот на патници и на стока во речиси сите сектори.
Бојан Блажевски